![Audi A6 PHEV и во караванска Avant варијанта](https://dodajgas.mk/wp-content/uploads/2020/04/A202539_large.jpg)
Audi A6 PHEV и во караванска Avant варијанта
Audi ја прошири понудата за A6 Avant со нова plug-in хибридна верзија
По лимузинската варијанта, сега и А6 Avant доби електрифицирана 55 TFSI e quattro верзија. За погонот е употребен идентичен хибриден систем кој се состои од 2.0-литарски TFSI турбо бензинец и електромотор, додека моќноста до тркалата се пренесува преку автоматски 7-брзински S tronic менувач со двојна спојка.
Бензинецот испорачува 252 КС (185 kW) и развива максимален вртежен момент од 370 Nm, додека електромоторот произведува 143 КС (105 kW) и 350 Nm. Така, вкупната комбинирана моќност на погонскиот систем е 367 КС (270 kW) и вртежен момент од 500 Nm.
Audi A6 Avant 55 TFSI e quattro до 100 km/h забрзува за само 5,7 секунди пред да го достигне максимумот, електронски ограничен на 250 km/h. Во чисто електричен режим на возење, автомобилот може да патува со брзина што не надминува 135 km/h.
Електричната енергија се чува во батерија од 14,1 kWh, a доколку за погон се користи само електромоторот, A6 Avant 55 TFSI e quattro е во состојба да помине до 51 километри пред да се вклучи бензинскиот мотор.
Според официјалните спецификации од Audi, просечната потрошувачка на гориво е 1,9-2,1 l / 100 km, измерено според стандардот WLTP.
Поради погонските батерии, A6 Avant 55 TFSI e quattro има помал багажник од стандардниот караван A6, така што сопствениците на овој автомобил на располагање имаат корисен простор од 405 литри. Со преклопување на задните седишта, багажниот простор се зголемува на 1.535 литри.
Автомобилот се испорачува со S Line пакет на опрема, во кој се вклучени, меѓу другото, и предни Matrix LED фарови, алуминиумските фелни од 19-инчи, црвени вилушки за сопирачките и спортска суспензија. Покрај тоа, тука се и спортските седишта, Audi Virtual Cockpit дигитална инструмент табла, климатизација со 4 зони …
Цената на овој Audi A6 Avant 55 TFSI e quattro во Германија започнува од 71.940 евра.