Aska – летечки автомобил кој полетува и слетува како хеликоптер / ВИДЕО
Иако станува збор за летало, истото може да се вози како и секој друг автомобил
Летeчките автомобили веќе не се нешто ново. Првите идеи и обиди датираат од првите децении на минатиот век, па дури и Хенри Форд имал сличен проект во средината на 20-тите години. Денес работите одат постојано напред, па така компании како AeroMobil и Terrafugia, направија значаен напредок во развојот на летечките автомобили. Меѓутоа, повеќето, ако не и сите претходни проекти, бараа писта за полетување и слетување се до проектот кој е тема на овој напис.
Станува збор за возило кое е наречено Aska, развиено од американско-израелската стартап компанија NFT (Next Future Transportation). Всушност, предметната машина е класифицирана како eVTOL возило, што во превод значи „електрично вертикално полетување и слетување“. Во суштина, возилото може да се вози како стандарден автомобил со собрани крила, или да се користи како мал приватен авион, со можност за вертикално полетување и слетување како хеликоптер. Кога крилата се раширени, се откриваат 10 елиси со уште две на задниот дел од возилото и уште две на крилјата.
Енергијата доаѓа од голем батериски пакет, а има и бензински мотор за проширување на вкупната автономија, која во режим на летање изнесува 563 километри. Во салонот можат да се сместат три патници, а првичниот план подразбира и интелигентен автономен систем за навигација и контрола на возилото на пат и во воздух. Доколку и кога Aska влезе во производство, се очекува почетната цена да биде околу 200.000 долари, иако компанијата работи и на систем на претплата од 200-300 долари месечно.
„Ние не правиме нешто што е резервирано за богатите луѓе“, вели Гај Каплински, претседател на NFT. „Ние создаваме нешто што секој може да си го дозволи“.
Неговата сопруга и ко-основач, Маки Каплински на ова додава:
„На овој начин се решаваат проблемите во сообраќајот, проблемите поврзани со губење на време… Ние го имаме најефикасниот и најудобен начин на транспорт на иднината“.