Apple помина низ сложен процес на прибирање понуди од глобалните производители на автомобили, во обид да оствари соработка со компанија подготвена да ги монтира автомобилите развиени од технолошката компанија од Соединетите држави

Меѓутоа, според извештаите добиени од другата страна на Атлантскиот Океан, ИТ гигантот со седиште во Сан Франциско самостојно започнал нов процес на развој на возила, поради неможноста да се анимира етаблирана марка од автомобилската индустрија.

Судејќи според написите во дневниот весник Maeil Economic Daily (преку платформата MacRumors), компанијата што го разви познатиот iPhone во моментов се занимава со избор на компоненти за завршна монтажа на возилата. Претходно, технолошкиот гигант контактираше со BMW, Hyundai, Nissan и Toyota, се во обид да ги истражи можностите за развој на заеднички возила и заради склучување договор за услужно производство.

Со оглед дека сите овие обиди се покажале како неуспешни, Apple неодамна ангажираше двајца поранешни инженери на Mercedes со завидно искуство во областа на масовното производство на автомобили, системи за управување, системи за суспензија, автомобилски програми и управување со проекти. Експертите веднаш се распоредени во групата за специјални проекти на компанијата, и сите се сигурни дека нивниот ангажман е поврзан со одлуката самостојно да се влезе во процесот на развој на автомобил наречен „Apple Car“.

Познатиот аналитичар на работата на Apple, Минг-Чи Куо, вели дека лансирањето на автомобил од оваа марка е тешко да се направи пред 2025 година, а можеби и до 2027 година.

Куо во истражувачките белешки пишува дека техничките спецификации на автомобилот со ознаката на Apple се уште се непознати, односно дека проектот не е завршен, додавајќи дека денот на премиерата би можел да се одложи дури за 2028 година или некоја подоцнежна година.

Покрај тоа, актуелниот менаџер на проектот за развој на електрични автомобили во американската компанија Apple, Даг Филд, ја напушта технолошката компанија со цел да ги зајакне редовите на Ford. Ford го назначи Филд за шеф на одделот за напредна технологија и вградени системи.