Речиси секое трето ново возило во Европа во 2018 година било бело

Производителот на бои за автомобили BASF, презентираше глобална анализа за дистрибуцијата на бои на пазарот на автомобили за 2018 година

Ахроматските бои – бела, црна, сива и сребрена – продолжуваат да доминираат на патиштата. Речиси 80 проценти од автомобилите на глобално ниво се произведени во една од овие нијанси.

Најпопуларна меѓу нив е белата боја.. Секој четврти автомобил во Северна Америка, речиси секој трет автомобил во Европа и секој втор автомобил во Азиско-пацифичкиот регион е бел. Популарноста на сребрената споредбено со претходната година има благ пад.

Меѓу другите бои, најзастапена е сината, по која следи црвената. Овие хроматски бои се почести кај помалите возила, како што се, на пример, компактните и подкомпактните возила.

Популарноста на хроматските бои значително е намалена во сегментот на поголеми возила. Споредбено со претходната година, меѓу нив значително се почести црната и белата боја.

Речиси секој петти автомобил во Европа во 2018 година бил сив. Со тоа сивата боја по популарност сега е на второто место потиснувајќи ја црната. Купувачите можат да изберат од 110 варијации, од светло сива до темно металик антрацитни нијанси.

Сината боја нуди уште поширок избор. Со околу 140 различни нијанси, таа е најразновидната боја.

Во 2018 година, две третини од сите возила имале некој слој со ефект. Колку е поголем автомобилот, толку е поголема веројатноста да има специјален ефект.

Темните бои како црна и сива најчесто имаат метален сјај, додека светлите бои главно се чисти нијанси.

„Пејсажот на автомобилски бои постојано се менува и обликува со нови и инспиративни идеи“, вели Марк Гутјар, шеф на одделот во BASF за завршни автомобилски премази.