Бројот на возачи кои останале без гориво и кои повикале помош, во Мичиген нагло се зголемил за 60 отсто во последните 6-12 месеци

Уште еден ден и нови рекордни цени на горивата. Американскиот авто клуб ААА известува дека националната просечна цена во САД се искачила на 5.016 долари за галон. И додека ова е само мало зголемување од понеделникот, кога просекот првпат надмина 5 долари за галон (3.785 литри), високите цени се чини дека имаат необично влијание врз возачите.

Конкретно, бројот на возачи кои останале без гориво и кои го повикале ААА за помош, наводно, во Мичиген нагло се зголемил за 60 отсто во последните 6-12 месеци. Точната причина за скокот останува нејасна, но се шпекулира дека некои возачи се држат до старите навики како вообичаеното полнење за 20 долари без да ја проверат количината, која сега е значително помала од пред една година.

Додека 20 долари минатата година носеле околу 6,5 галони (24,6 литри) гориво, денес за истите пари се добива само 4 галони (15,14 литри). Како резултат на тоа, возачите не можат да патуваат толку далеку и многу од нив се чини дека остануваат без гориво за време на нивните патувања бидејќи не гледаат во мерачот.

Како и кај нас, и во Америка многу веројатно чекаат до последната секунда за да посетат бензинска пумпа, со надеж дека цените ќе паднат. Ова е ризично размислување со оглед на тоа што цените на горивата растат поголемиот дел од годината.

За жал, ова може да има фатални резултати бидејќи WXYZ разговарал со полицискиот комесар на градот Ворен, Вилијам Двајер, кој истакнал дека мотоциклист неодамна останал без гориво и загинал во судир додека го туркал својот мотоцикл. Иако сè уште не е јасно зошто мотоциклот останал без гориво, Двајер за станицата изјавил дека „вашиот живот е поважен отколку да останете без гориво и да умрете“.