Ако неодамна сте го замениле акумулаторот во вашето возило и сè уште имате проблеми со палењето, проблемот можеби лежи во алтернаторот. Еве како да го проверите.

Додека моторот на возилото работи, задачата на алтернаторот, генераторот на наизменична струја, е да обезбеди електрична енергија за сите потрошувачи во возилото, а вишокот на енергија да го зачува во акумулаторот. Ако дојде до дефект на алтернаторот, понатамошното возење нема да биде можно. Затоа треба да се преземат неколку чекори за да се провери состојбата на овој важен дел.

За почеток, набавете мултиметар, кој е многу корисен и достапен алат. Поставете го уредот за да мери напон (волти).

Треба да се направи основно читање на акумулаторот додека автомобилот е исклучен, односно моторот не работи. За да го направите ова, поврзете ги црниот и црвениот кабел од мултиметарот со соодветните клеми на акумулаторот, кои се обележани во исти бои. 

Мултиметарот ќе изврши отчитување, а акумулаторот ако е во добра состојба ќе прикаже резултат од околу 12 V. Тогаш е неопходно да се стартува моторот и да се поврзе мултиметарот на акумулаторот на ист начин.

Овој пат, се отчитува струјата која ја испорачува алтернаторот, а која треба да се движи од 13,5 до 14,5 V, што покажува дека работи и го полни акумулаторот. Доколку резултатот е помал, тогаш животниот век на вашиот алтернатор веројатно е при крај, а ако напонот е ист како кога е исклучено возилото, ова е знак дека алтернаторот воопшто не работи и треба да се замени. Секако тука е и можноста за пукање на погонскиот каиш или пак за откажување на реглерот.

Она на што треба да внимавате кога станува збор за понови автомобили е системот за надзор на акумулаторот. Дали вашето возило е опремено со овој систем проверувате со преглед на кабелот на акумулаторот со негативен пол. Ако постои црн приклучок на негативната клема или конектор кој е обвиткан околу кабелот за негативниот пол, вашето возило е опремено со овој додаток.

Овој систем ја следи излезната струја од акумулаторот и соодветно ја усогласува работата на алтернаторот,  што позитивно влијае на потрошувачката на гориво и го продолжува работниот век на алтернаторот.

Бидејќи овој систем може да предизвика неправилно читање на струјата што ја дава алтернаторот, потребно е прво да се измери напонот на акумулаторот додека возилото е исклучено, а дури потоа да се прочита и струјата на алтернаторот.

Ситуација во која вашето возило има проблеми со палењето, а истовремено е опремено со систем за надзор на акумулаторот, сепак, бара да се изврши преглед од страна на механичар.