Алијансата BMW-Daimler станува блиска реалност
BMW го откупи капиталот на компанијата Sixt од компанијата создадена како резултат на заедничкиот потфат DriveNow, со што се создава основа за формирање на поширока car-sharing и robotaxi алијанса со Daimler, со цел да бидат поконкурентни ривали на Uber и Lyft
BMW е многу блиску да изрази согласност со договорот кој подразбира и соработката со car-sharing сервисот Car2Go на Daimler, велат добро информирани извори за Reuters.
Германските производители на автомобили сакаат да формираат заедничка компанија која ќе работи во областа на автомобили за споделување, услуги за возење, мрежа на полначи за електрични возила, како и услуга дигитален паркинг, вели висок претставник на извршната власт во една од германските компании.
Daimler и BMW одбиваат да коментираат за статусот на преговорите, па само една кратка изјава доаѓа од минхенскиот гигант. „Сето ова е во доменот на шпекулациите, немаме коментар“.
Високиот раководител, кој сакал да остане анонимен поради превезот на тајноста со која е обвиткан планот, го вели и следново: „Со ова би се создал екосистем кој исто така можел да се користи за управување со robotaxi флота“.
Пазарот за услужно возење сега сочинува околу 33% од глобалниот такси пазар, и може да се зголеми за дури осум пати до 2030 година, достигнувајќи вредност од 285 милијарди американски долари. Претпоставката е дека до тогаш веќе ќе има автономни – роботакси возила, според истражувањето спроведено од Goldman Sachs.
BMW и Daimler во моментов работат на развивање на самовозечки автомобили, што би можело значително да им го олесни влезот на пазарот на услуги споменати претходно.
Sixt објави дека ќе генерира околу 200 милиони евра вонредни приходи, токму поради продажбата на проектот DriveNow, реализиран за 209 милиони евра.