Во Грција, од 30 март оваа година, стапија во сила измени во Законот за патен сообраќај, со кои се воведени нови многу построги казни за сообраќајни прекршоци

Она што е посебна новина, без разлика дали сте во Грција како турист или професионален возач на камион или автобус, е тоа дека покрај парична казна, за одредени прекршоци се предвидени и одзимање на сообраќајна дозвола, отстранување на регистарски таблички и одземање на возачката дозвола во период од 60 дена, односно, додека трае туристичкиот аранжман.

Меѓу прекршоците за кои Грците пишуваат казни, отстрануваат таблички и одземаат дозвола се: употреба на мобилен телефон при возење без безжични слушалки или уред за телефонирање во автомобил, возење без врзан безбедносен ремен, возење на мотор без кацига, фрлање на отпушоци и слични предмети кои може да предизвикаат пожар или несреќа или да ја загадат животната средина, паркирање на места каде што се спречува непречен пристап до рампи за лица со инвалидитет или места резервирани за инвалиди, возење (дури и кратко) во лентата предвидена за застанување на автопат, прекршување на прописите со кои се регулира превозот на деца.

Според новите прописи, прекршоците се класифицирани во три групи, во зависност од степенот на опасност која се предизвикува, односно мали, средни и високоризични прекршоци. Во зависност од тоа, се изрекуваат и паричните казни.

– прва група до 100 евра,

– втора група од 101-300 евра,

– трета група од 301-600 евра.

Треба да се има на ум дека веќе не е можно плаќање на казната намалена за 50 проценти ако е платена во рок од 10 дена.

На пример, казните за недозволено паркирање се движат од 40-80 евра, за неносење безбедносен ремен 350 евра, за непропуштање на пешаци 200 евра, користење на мобилен телефон додека возите 100 евра…

Конкретно, одземените регистарските таблички за неправилно паркирање не се враќаат и по плаќањето на казната, бидејќи со новиот закон возачот добива забрана за возење на возилото за одредено време. Забраната за странците завршува на денот кога тие ја напуштаат територијата на Грција кога и се враќаат истите.

Исто така, возачите треба да бидат свесни дека во Грција е задолжително врзување на сите безбедносни ремени односно важи и за патниците напред и за патниците позади, а задолжително е поседување на триаголник, апарат за гаснење пожар и прва помош.

Казните во Грција се зголемуваат за 100 проценти, ако сторителот на прекршок има годишен приход од 50.000 до 100.000 евра и 200 отсто ако сторителот има годишен приход од повеќе од 100.000 евра, врз основа на последната даночна пријава.