ADAC статистика 2022: Кои автомобили имаат најмногу дефекти, а кои се најсигурни?!
Како и досега, најчестите интервенции се поврзани со акумулаторот
Како и секоја година, така и овој април, германскиот автомобилски клуб (ADAC) ја објави својата статистика за Службата за помош на пат, односно интервенциите направени минатата година на автомобили со старосна граница од 3 до 10 години. Како и досега, најчестите интервенции се поврзани со акумулаторот. Во текот на 2021 година, батеријата била проблем во 46,2 отсто од случаите од вкупно 3,49 милиони дефекти. Година пред тоа односно 2020 година, уделот на дефекти на акумулаторот бил 46,3 отсто, што пак е зголемување во однос на 2019 година (41,8 отсто). Причината е пандемијата. Поради тоа, автомобилите беа во мирување, што повеќе го ослабува акумулаторот отколку честото возење.
Тешко е да се одговори зошто проблемот со неисправен акумулатор не се подобрува со напредокот на технологијата. Може да има многу причини за дефекти, а за некои се виновни и самите возачи. Оставање на вклучени светла, неправилно затворена врата или капак од багажниот простор, возење само на кратки растојанија… Во овие случаи вината е на сопственикот на автомобилот. Од друга страна, недостатоците на производот, лошиот квалитет и неправилното управување со електричниот систем на возилото може да доведат до проблеми со акумулаторот и се одговорност на производителите.
Причината за дефектот често зависи и од староста на возилото. Помладите возила генерално имаат помалку дефекти, а со тоа и помалку проблеми со акумулаторот. Кога возилото е старо седум години, се зголемува и чувствителноста на откажување на акумулаторот. Ова обично се случува кога акумулаторот ќе го достигне крајот на својот век на траење.
Во статистиката на ADAC за 2021 година се наоѓаат вкупно 132 модели на возила. Основата се дефектите во текот на 2021 година кај возилата стари од 3 до 10 години (прва регистрација од 2012 до 2019 година) како и тоа дека овие модели се прибележани најмалку 10.000 пати во најмалку една од годините на следење. Моделите со помал примерок не се оценувани. Причините како празен резервоар за гориво или дефекти на гумите не се земаат предвид во Индексот на доверливост на ADAC.
Кои се некои типични дефекти? Проблеми со пумпата за гориво, на пример, статистички се појавуваат само од 10-годишна возраст на возилата, а потоа стануваат се почести. Проблемите со алтернаторот се зголемуваат од четиригодишна возраст. Сензорот на коленестото вратило почнува сериозно да се расипува од 2010 година, односно кога автомобилите ќе наполнат 12 години и тие не се во оваа статистика. Во случајот со свеќичките, посериозните дефекти се појавуваат релативно рано (прва регистрација 2013/2014). Проблемите со рециркулација на издувните гасови се почести помеѓу 2007 и 2013 година. Во основа, покрај акумулаторот, возачите бараат помош на пат поради дефект на моторот или управувањето со моторот (15,5 проценти), проблеми со каросеријата, управувањето, сопирачките, суспензијата или менувачот (14,8 проценти), електрониката (10,3 проценти), гуми (7 проценти), пумпа за гориво (3,1 проценти)…
Во распон од 3 до 10 години старост најдобар индекс на доверливост покажале Toyota Aygo, Audi A1, Renault Captur, Mini, Suzuki Vitara (од 2016 до 2019 година), Audi Q3, BMW Серија 1, BMW X1, Audi A4, Audi A5, Audi Q5, BMW Серија 3, BMW Серија 3 Coupe, BMW X3, Audi А6 и BMW Серија 5. Треба да се споменат и некои други возила како на пример Dacia Sandero која добила многу добри оценки во сите годишта што секако е голем успех и Volkswagen Polo кој е исто така многу добар (освен годиште 2012 година кога рејтингот е под многу добар). Dacia Duster има претежно оцена добар, а оценката за 2013 година е одлична. Mercedes-Benz B-Class е многу добар во сите возрасти. Mitsubishi ASX е исто така одличен и многу добар. Seat Leon е многу добар во сите возрасти. Volkswagen Golf е многу добар, освен во 2012 година кога оценката е добар. Kia Ceed се движи од лош рејтинг (2012) до многу добар рејтинг (2019). Mazda Cx-5 е многу добра, освен во 2013 кога е оценета како добра. Škoda Octavia е многу добра, освен во 2013 и 2012 година кога добила помала оцена, односно добра.
Модели кои не се прославиле, односно немаат спектакуларни резултати се Smart Forfour, Hyundai i20, Renault Clio, Toyota CH-R, Toyota Corolla, Ford S-Max, Opel Insignia и Volkswagen Sharan. Интересно е што Toyota неможе често да се види во овој дел, но ADAC забележал голем број проблеми со акумулаторот во CH-R и Corolla.
Повеќе информации и статистика: ADAC