Земјите на ЕУ конечно усвоија пакет мерки односно пакет задолжителни системи за новите автомобили

Според пишувањата во европските медиуми, од 2022 година, сите нови возила за продажба во ЕУ, ќе мора да имаат приклучок за Alcolock (уред за тестирање на присуство на алкохол кај возачот), црна кутија, систем за автоматско сопирање, систем за предупредување поради преминување во друга коловозна лента (ако не е вклучен индикаторот за насока). Ова го одлучија земјите од ЕУ пред неколку дена, откако предлогот беше поднесен на почетокот од оваа година.

Возилата опремени со Alcolock, систем за блокирање на машината, во иднина нема да се стартуваат ако регистрираат присуство на алкохол повеќе од дозволеното кај возачот. Покрај тестерот за алкохол, меѓу системите за предупредување ќе треба да има и такви кои препознаваат замор и недостаток на концентрација.

Една од најинтересните мерки е воведување на таканаречената црна кутија, нешто слично како кај авионите, која ќе ги снима податоците од телеметријата пред, за време и по сообраќајна несреќа. 

Тука е и интелигентната регулација на брзината. Главната функција на овој систем ќе биде да спречи забрзување. Електрониката ќе препознава ограничувања засновани на електронски карти и патокази и ќе го предупреди возачот и звучно и визуелно. Меѓутоа, ако тој продолжи и понатаму да се движи брзо, системот ќе може автоматски да ја намали брзината. Во случај на претекнување, лимитот ќе биде „заобиколен“.

Во 2017 година, на патиштата во Европа починале 25.300 луѓе, при што во 90 проценти од случаите станува збор за човечка грешка. Токму затоа Европската комисија смета дека со предложените мерки до 2038 година ќе бидат спасени 25.000 животи и ќе се избегнат 140.000 сериозни повреди. Конечното усвојување на пакетот мерки сега чека само одобрување од Министерскиот совет.