Македонската влада усвои предлози и измени на серија закони од надлежност на Министерството за внатрешни работи заради усогласување со претходно донесениот Законот за прекршоци, со што во делот на казнената политика во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се предвидени значителни намалувања на казните

Се уредува и учеството на електричните тротинети во сообраќајот.

„Казните ќе изнесуваат од 15 до 250 евра како највисока граница, освен за животозагрижувачки прекршоци кои остануваат исти, и се укинува мандатниот платен налог, односно сите платни налози ќе бидат прекршочни. Освен казнените одредби, се уредува и учеството на електричните тротинети во сообраќајот со цел да бидат заштитени оние кои управуваат со нив, но да бидат заштитени и граѓаните со одредби кои значат определување на место на движење на тротинетите, возрасната граница за управување со овој тип на возила, како и обврската за користењето на заштитни средства“, соопштија од прес-службата на Владата.

Рокот на важење на возачката дозвола за повозрасните возачи се продолжува од 70 на 75 години, а се предвидува и мерка времено одземање на возило кое предизвикува голема бучава и го нарушува јавниот ред и мир на граѓаните, како и за возила со изминат рок на важност на сообраќајната дозвола од шест или повеќе месеци.

Граѓаните кои користат електрични тротинети нема да смеат да се движат по улици и булевари, туку само по велосипедски патеки. Онаму пак каде што нема велосипедски патеки дозволено е возење по тротоар. Ова се предвидува со измените на Законот за безбедност во сообраќајот кои поминаа на владина седница.

Максималната дозволена брзина за движење по велосипедска патека е 25 километри на час, додека на тротоар само 6 километри на час. За поголема безбедност, граѓаните кои управуваат тротинет треба навечер да носат зелени флурорцентни елеци, за да можат да бидат видливи за пешаците и учесноците во сообраќајот. Со измените на законот е предвидена и возраста на која може да се управува тротинет, односно лица под 14 години не смеат да возат електрични тротинети.

Казната ако не се носи елек е 50 евра, за движење по улица 80 евра, а доколку се вози со поголема брзина од дозволената 120 евра.