Германија одлучи: бенефиции за ЕВ, поскапо гориво и даноци за конвенционалните возила
Германските власти ќе понудат повластици за набавка на електрични автомобили и ќе ја подигнат цената на горивата како дел од „зелениот пакет“ што има за цел да ги намали емисиите на јаглерод диоксид
Планот ќе биде достапен за електрични возила кои чинат помалку од 40.000 евра почнувајќи од 2023 година, додека конвенционалните автомобили ќе бидат поскапи за експлоатација бидејќи ќе се зголемат даноците за прекумерните загадувачи. Цените на бензинот и дизелот ќе се покачат за 3 евроценти за литар.
Канцеларката Ангела Меркел годинава се соочи со серија протести, во кои демонстрантите бараат акција против загадувањето, додека во исто време партијата на „Зелените“ постојано се здобива со популарност, бидејќи влијанието на глобалното затоплување е повеќе од евидентно. Шумските пожари и зголемувањето на сушите придонесоа за опаѓање на Рајна.
Останатите иницијативи во рамките на пакетот вреден 54 милијарди евра се:
Од воздух до пруги – Даноците на летовите ќе се зголемат, а ќе се намалат за железничкиот сообраќај. Државниот оператор на железницата, Deutsche Bahn, ќе добива дополнителни една милијарди евра на годишно ниво за развој на патната инфраструктура и јавниот транспорт.
Подобрувања – Владата ќе понуди олеснувања и намалувања на таксите за инсталирање нови печки, прозорци и изолација, а од 2026 година ќе се забрани користењето на нафтени печки.
Договорот меѓу владините коалициски партнери е постигнат по повеќе од 16 часови преговори кои влегле длабоко во ноќта, а кои започнаа во Берлин во четвртокот вечерта.
Германските лидери се под притисок да направат нешто конкретно бидејќи најголемата економија во Европа не успеа да ги постигне своите цели за животната средина.
Десетици илјади демонстранти се собраа и маршираа низ улиците на Берлин, Хамбург, Минхен и 500 други локации во Германија, како дел од движењето „Петок за иднината“. Министерот за финансии Олаф Шолц изјави дека демонстрациите се „повик за будење“.
Меркел Изјави дека Германија ќе продолжи да ја анализира програмата за да се обезбеди целта за намалување на штетните емисии.
„Создадовме бројни субвенции и придобивки за да можат луѓето да дејствуваат поодговорно во еколошка смисла“, изјави германската канцеларка. „Веруваме дека можеме да ги постигнеме тие цели“.
Германија не очекува планот да бара зголемување на долговите. Трошоците за иницијативи, како што се промовирање на електрични автомобили и надградба на стари технологии, ќе бидат балансирани преку приходите од сертификација на јаглен-диоксидот.