Услужниот транспорт од ден на ден е се повеќе застапен. Возила од сите облици и големини се лесно достапни во големите градови. Сепак, додека системот за споделување автомобили генерално се смета за безбеден и профитабилен, се чини дека со електричните скутери и не е баш така

Во многу градови ширум светот има вистинска наезда на електрични скутери. Луѓето обично ги гледаат повеќе како „казна“ отколку како „благослов“. Иако навистина се одлично решение за сообраќајниот хаос во градовите кои се соочуваат со проблеми со загадувањето, овој вид транспорт е вистински кошмар. Затоа низ Европа, властите се принудени да ја регулираат нивната употреба, бидејќи тие претставуваат вистинска главоболка за возачите и пешаците.

Со оглед на тоа дека е лошо следењето на скутерите, тие завршуваат паркирани насекаде, украдени или едноставно фрлени во вода, како што открила и една француска еколошка група минатиот викенд.

Лион, град на бреговите на Рона, се чини дека е инфциран од е-скутери. За време на операцијата за расчистување во неделата, групата наречена Odysseus 3.1 извадила дури 109 скутери од реката за само неколку часа, и тоа само во 300 метри ток.

Фрлањето на е-скутери во вода е вообичаена „практика“, но исто така и многу лоша идеја, бидејќи литиум-јонските батерии со тек на време започнуваат да истекуваат и на тој начин може да предизвикат сериозни еколошки проблеми.

Откако Odysseus 3.1 ги открила отфрлените скутери во Рона, групата ги повикала компаниите кои работат со превозни услуги во градот да излезат со подобри идеи за да ја спречат оваа пракса. Исто така, скутерите извадени од водата ќе бидат предадени на нивните сопственици, иако сè уште не е јасно што ќе прават тие со нив.

Индустријата за е-скутери во областа на транспортните услуги е во развој, но првиот чекор е погрешен. Не е познато колку оператори на скутери секојдневно губат, но нивниот број е секако исклучително голем, а со тоа работите ќе станат уште полоши ако не се стори ништо.