Кога станува збор за електричните автомобили во Европа, тука главниот збор го води Renault Zoe. Сега на пазарот влегува и Honda која сака парче од пазарниот колач во сегментот со урбаниот мал модел со едноставно име – „е“.

Помал е од неговиот француски колега, поседува електричен мотор поставен позади, батерија од 35,5 kWh и камери наместо конвенционалните странични ретровизори.

На тековниот салон за автомобили во Франкфурт своја премиера има сериската верзија, со два 6-инчни екрани, кои обезбедуваат увид во она што го „гледаат“ ретровизор камерите. Секако, Lexus и Audi веќе имаат слични системи во моделите ES и e-tron, но со оглед на сегментот на кој припаѓа Honda e, јапонскиот бренд дефинитивно ги поставува стандардите. Она што допрва треба да го видиме е како купувачите во Европа ќе реагираат на автомобил помал од популарниот Zoe. Сепак, со оглед на дизајнот и „харизмата“ на малата Honda, со дух кој евоцира спомени на модели како Topolino, оригиналниот Fiat 500 и Mini Morris, комерцијалниот успех не би требало да изостане.

Интелигентниот пакет и врвниот квалитет, сепак, не можат да сокријат некои ограничувања кои моделот ги има во однос на просторноста во салонот и просторот за багаж. 

Honda и во живо изгледа ретро-футуристички, се разбира во позитивна смисла. Она што најмногу изненадува е внатрешниот простор и двата 12,3-инчни екрани чувствителни на допир. Напред има многу простор, додека задните патници најверојатно нема да имаат простор за главите.

Слично како и системот за инфо-забава MBUX во Mercedes, Honda Personal Assistant користи вештачка интелигенција со способност за учење за прилагодување на личните потреби на возачот.

Во однос на автономијата, таа е 220 километри. Забрзувањето до 100 km/h трае околу осум секунди, а со помош на систем за брзо полнење, 80% од батеријата може да се наполни за половина час. Електричниот мотор е достапен во две нивоа на моќност, со 136 и 154 „коњи“. Максималниот вртежен момент во двата случаи е 315 Nm.

Помоќната, Advance верзија, во Германија стартува од 32.470 евра