Првиот човек на Alpina очекува не само пад на продажбата, туку и полош квалитет на автомобилите

Намерата на Германија да наметне ограничувањe на брзината на автопатиштата сериозно го загрижува првиот човек на компанијата Alpina, Андреас Бовензипен. Во интервју за изданието Whichcar, тој вели дека ако земјата навистина се откаже од легендарните автобани, луѓето ќе престанат да купуваат моќни автомобили.

„Ако се случи ова, ќе има големо влијание на пазарот. Веднаш по донесувањето на ваков закон, ќе се случи пад на продажбата на спортски автомобили. Се надевам дека клиентите ќе го надминат ова и ќе се вратат во салоните, бидејќи скапите и брзи автомобили се како добри часовници – сите ги сакаат“, коментира Бовензипен.

Првиот човек на Alpina исто така верува дека ваквите мерки ќе влијаат и на квалитетот на автомобилите. Логиката на некои производители може да биде оваа: зошто да вложите пари за подобрување на системот за суспензија и сопирање ако автомобилот не достигнува повеќе од 120 km/h? Истото важи и за производителите на гуми кои ќе се потпираат на потешки компоненти кои не се толку ефетни на влажна подлога. Со се набројано, ќе се зголемат и сообраќајните незгоди.

И покрај сето погоре, Бовензипен се согласува дека во одреден момент од развојот на автомобилската индустрија, ќе бидат потребни ограничувања на брзината. Пример за тоа е автономниот транспорт, бидејќи кога ќе има повеќе беспилотни возила на патот, побезбедно ќе биде да се намали максималната дозволена брзина.

Засега Германија е единствената земја во Европа каде има патишта без ограничувања на брзината. На возачите им се препорачува да возат не повеќе од 130 км на час, а казна за возачот има само доколку предизвика несреќа. Според статистичките податоци, бројот на сообраќајни несреќи во земјата е многу помал отколку на другите патишта – околу 60% од судирите во Германија се случуваат на правци каде има ограничување до 100 km/h.