Од 1-ви ноември оваа година, главниот град на Италија воведува забрана за движење на дизел возилата стандард за емисија на штетни гасови Euro 3

Всушност, забраната во прво време ќе важи само за поширокиот центар на Рим, поради што поголемиот дел од градот останува „слободна зона“, дури и за постари дизел автомобили. Градските власти планираат забраната да трае само во работните денови, со исклучок на државните празници, кога сопствениците на Euro 3 дизелите ќе можат да влезат со нивните возила во центарот на главниот град.

Ова е само дел од новиот план за урбана мобилност кој сакаат да го спроведат градоначалникот и актуелната влада. Во наредните години, забраната за употреба на горенаведените дизел автомобили ќе се проширува и на другите делови од метрополата, за подоцна да биде воведена забрана и за Euro 4 возилата.

Градските власти планираат целосна забрана на дизел возилата во стариот, историски центар на градот. Се тврди дека штетните гасови не само што го загрозуваат здравјето на луѓето, туку исто така имаат негативно влијание и врз старите згради во Рим. Целосната забрана за употреба на дизел мотори во центарот на главниот град на Италија е планирана за 2024 година.

Со цел да се олесни транзицијата, Рим ќе го подобрува јавниот транспорт и планира да воведе разни бенефиции за да го натера населението во главниот град повеќе да се ориентира кон овој вид на транспорт.