Lotus Type 130 – првиот британски целосно електричен хипер автомобил!
Официјалните претставници на Lotus потврдија дека работат на овој модел!
Гласините сега се и официјално потврдени. Претставници на Lotus официјално потврдија дека британскиот производител работи на својот прв хипер автомобил, а на авто салонот во Шангај е објавена и првата тизер фотографија од моделот.
Претставниците на британскиот производител напоменуваат дека овој автомобил ќе биде целосно нов и ќе биде именуван како Type 130. Детали за автомобилот има многу малку, па сега за сега како сигурно се знае дека тој ќе има електричен погон.
Тизер фотографијата открива дека овој модел ќе има впечатлив надворешен дизајн. Како што пренесува изданието Car Advice, Type 130 ќе биде приближно со иста должина како и Lotus Evora, но ќе биде многу поширок од неа. Ако се суди според фотографијата, фокусот ќе биде на неговата аеродинамика.
Lotus Type 130 ќе се базира на уникатна шасија од јаглеродни влакна. Електричните мотори ќе работат на сите четири тркала, а батеријата ќе се наоѓа директно зад патниците. Се претпоставува дека Lotus Type 130 ќе развива најмалку 1.000 коњски сили. Исто така, на местото од традиционалните странични ретровизори ќе бидат поставени камери, кои ќе се вовлекуваат во каросеријата.
Автомобилот ќе биде претставен на крајот од оваа година.