Електричните автомобили последниве години се во офанзива, а сега за сега со масовност ги предводи Nissan Leaf

Имено, моделот на струја на Nissan достигна бројка од 400.000 продадени единици на глобално ниво. За овој резултат на моделот му требаа повеќе од 8 години и две генерации. Првиот Leaf беше лансиран во декември 2010 година, а наследникот пристигна во 2017 година.

Во Nissan, пресметале дека сите модели на Leaf кои патуваат низ целиот свет досега поминале 10 милијарди километри.

Според зборовите на луѓето од јапонскиот производител, на тој начин има годишна заштеда од 3,8 милиони барели нафта, кои инаку би се користеле како погонско гориво ако Leaf користи мотор со внатрешно согорување, наместо електричен.

Nissan Leaf сега се произведува во три фабрики на три континенти – во Јапонија, Англија и САД.

Овој автомобил е продаден во повеќе од 50 земји во светот, а според планот во првата половина на 2019 година треба да стигне на шест нови пазари во Латинска Америка, како и седум земји во Азија и Океанија, до крајот на годината.

Nissan Leaf е најпродаваниот електричен автомобил во Европа за 2018 година, со испорачани над 40.000 единици, воедно и најпродаван воопшто модел во Норвешка.

Инаку, првите 100.000 примероци кои ги продал Nissan се до 2014 година, а една година подоцна продажбата достигнала 200.000 единици. Бројката од 300.000 Nissan Leaf продадени возила е надмината во 2018 година, за во март оваа година продажбата да достигне 400.000 возила.