Наскоро електричен мотоцикл и од Ducati
„Иднината е електрична, а ние не сме далеку од почетокот на сериско производство“, вели извршниот директор на Ducati
Откако неодамна Harley-Davidson го најави својот прв електричен мотор, деновиве своите планови за производство на електрични мотори ги најави уште една легендарна компанија. Станува збор за Ducati, кој со партнери веќе има работено во развој на електрични велосипеди, а со Milan Polytechnic School of Design на развој на електричен концепт со логото на брендот.
Од Ducati минатата недела гo најавија следниот чекор во овој сегмент, а извршниот директор, Клаудио Доменикали, на конференцијата Motostudent во Шпанија изјави: „Иднината е електрична, а ние не сме далеку од почетокот на сериско производство“.
Уште пред две години Едуард Лоте, директорот на одделот на Ducati за Западна Европа, најави дека компанијата има планови за електрични мотори и скутери, за потоа да изјави дека овој тип на средства за превоз најрано може да се очекуваат во 2021 година. Сепак, според Доменикали, се чини дека тоа може да се случи и порано – веќе оваа или следната година, затоа што, ако иднината на транспортот навистина е електрична, тогаш мото компании треба што поскоро да тргнат со развој на е-мотоцикли за да бидат подготвени за големи промени и транзиција од класични на електрични мотоцикли.
Освен Harley-Davidson, останатите големи мото компании сè уште не претставиле модели со кои ќе тргнат во освојување на овој пазар, па затоа некои помали компании се обидуваат да го искористат моментот. Тука се мисли пред се на компанијата Energica која произведува електрични мотоцикли со моќни перформанси, потоа калифорниските компании Zero и Lightning motorcycles, како и други компании кои ќе се обидат да се завземат што поголем дел од пазарот на е-мотоцикли пред големите и познати компании да почнат да навлегуваат во сегментот.