Дали Кина ја уништува европската автомобилска индустрија?
Европа сеуште ги има некои од најдобрите производители на автомобили, но во моментов ја губи трката од Кина која ќе ја дефинира иднината на индустријата
Кина во моментов е водечка сила во производството на батерии за електрични возила (ЕВ), а тоа е сегмент кој европските лидери го сметаат за витален дел за иднината на индустријата која вработува неколку милиони луѓе низ целиот континент. Затоа европските производители масовно го селат производството во Кина, што претставува огромен ризик за Стариот континент, каде што е домот на гиганти како Volkswagen, BMW, Mercedes-Benz, Renault …
Производството на EV во Кина има смисла за компаниите, бидејќи таму има најголем број на клиенти, со што се избегнуваат високи тарифи за увезените возила. Нивните производни капацитети се поблиску до синџирот на снабдување со батерии, кои чинат околу 40% од вредноста на електричните возила.
Околу две третини од светското производство на литиум-јонски батерии кои најчесто се користат во автомобилите е во Кина. Се проценува дека Европа има само 1% од пазарот. Кина ја има и таа предност да биде најголемиот светски EV пазар, се проценува дека околу половина од продажбата на EV во светот e во Кина, поради што најголемите светски компании инвестираат огромни пари во Кина.
На пример, минатата година Volkswagen најави инвестиција од 12 милијарди долари во електрични возила во Кина, па дури и американскиот гигант во овој сегмент Tesla прави „гигафабрика“ во Кина, каде планира да произведува 500.000 возила годишно. За споредба, „гигафабриката“ на Tesla во САД има капацитет од 100.000 единици годишно. Дури и компаниите за производство на батерии инвестираат во Кина, наместо дома. Холандската компанија Lithium Werks веќе има две фабрики во Кина и планира уште една во близина на Шангај во вредност од 1,8 милијарди долари.
Огромната фабрика ќе произведува батерии за околу 160.000 автомобили годишно. Кес Колен, претседател на компанијата, за CNN вели дека Lithium Werks инвестира во Кина, бидејќи инфраструктурата е подобра и полесно е да се добие дозвола за изградба на фабрика.
„Кинеската влада има долгорочна визија за индустријата, Европа не ја има, сето тоа трае многу долго“, рече Колен.
Европската унија се обидува да го промени ова, па така Европската комисија годинава претстави акционен план кој треба да ги охрабри компаниите да инвестираат повеќе во технологија на батерии, нудејќи поголеми финансии. ЕК предупреди дека европските компании се во опасност да го загубат влијанието во синџирот на снабдување и еколошки стандарди доколку не се приклучат во секторот.
Најголеми „играчи“ во овој дел од индустријата се кинеската фирма CATL, јапонскиот Panasonic и јужнокорејскиот Samsung. Panasonic работи со Tesla, која произведува сопствени батерии во огромниот погон во Невада за да го зголеми нивото на оваа продукција.
Важна причина зошто Европа е толку далеку во производството на батерии е тоа што производителите на автомобили многу доцна развија електрични автомобили.
„Тие не ги сфатија сериозно електричните возила бидејќи не ги сакаа“, вели Виктор Ирле, ко-основач на шведската истражувачка фирма EV-Volumes. „До неодамна, големите „играчи“ се концентрираа на сопствените ресурси во производството на автомобили со фосилни горива“.
Во меѓувреме, EV индустријата во Кина има подем преку компании како BYD, во кој има инвестирано од милијардерот Ворен Бафет, и Geely, денешниот сопственик на Volvo, такси Лондон, Lotus и ко-сопственик на Daimler.
Кина сега има толку многу електрични автомобили што некои експерти дури предупредуваат на презаситеност.
Европа дава знаци дека напредува, па така шведскиот производител на батерии Northvolt, кој е основан од поранешниот директор на Tesla, вети изградба на најголема европска фабрика за литиум-јонски батерии во следните шест години. Сепак, некои аналитичари веруваат дека Northvolt има проблем со финансирањето на проекти. Сето тоа зависи од Европската инвестициона банка, која е во сопственост на ЕУ, каде Northvolt има аплицирано за заем од 455 милиони долари.
Но Европа може да се соочи и со други пречки. Во последните неколку години, Кина го ограничува пристапот до клучните ресурси во производството на батерии, како што се литиумот и кобалтот.
„Премногу е доцна европските компании да бидат меѓу големите производители на батерии“, вели Гавин Монтгомери, директор на лондонската фирма Wood Mackenzie, кој се бави со истражување на глобалниот пазар на метали.
Вториот спас се гледа во пристапот на Airbus во авионската индустрија. Airbus е создаден како спојување на неколку помали компании и сега е достоен за ривал на американскиот гигант Boeing.
„Истиот чекор во секоторот производството на батерии за EV може драстично да ја промени играта“, заклучува Монтгомери.