Во Porsche признаваат дека дизелгејт им ја нарушил репутацијата
Од аферата која го потресе Volkswagen, иако најмалку, сепак ниту производителот од Штутгарт не излезе „неповреден“. Сепак, во Porsche веруваат дека идниот електричен модел Taycan може да ја подобри нивната репутација
Дизелгејт дефинитивно најмногу му наштети на матичниот бренд на групацијата, но за разлика од брендот Volkswagen, материјална и морална штета претрпеа и други брендови на групата, особено Audi.
Како корисници на дизел мотори во многу од своите автомобили, цехот го платија и Skoda, Seat и Porsche, бидејќи и тие беа принудени да отповикаат стотици илјади возила опремени со софтверот за манипулација со емисиите при тестирање.
На крајот од целата приказна, Porsche одлучи целосно да ги отстрани дизел-моторите од своите сегашни и идни модели, за што јавноста дозна претходно овој месец.
Сепак, во Porsche, велат дека нивната репутација стекнувана со децении е тешко нарушена.
„Дизел аферата ни донесе многу проблеми“,
вели директорот на Porsche, Оливер Блуме.
Porsche практично уште во февруари престана со продажбата на автомобили со дизел мотори, кога се укина дизел верзијата на Panamera 4S Diesel и Macan S Diesel.
Инаку, производителот од Штутгарт никогаш и нема развивано свој дизел агрегати, туку ги користи оние на Audi, за кои се верува дека се меѓу најдобрите дизели во автомобилската индустрија.
Првиот масовно произведен Porsche со дизел мотор беше Cayenne Diesel, кој беше претставен пред само 10 години. Најновата, трета генерација на моделот Cayenne беше лансирана во 2017 година, но без дизел понуда.
Додека од една страна се одрекува од дизел моторите, од друга страна Porsche работи на лансирањето на својот прв електричен автомобил – Taycan и електрификација на идните модели.
Покрај тоа, компанијата ќе продолжи да ги подобрува и оптимизира постојните бензински мотори, кои, во очите на традиционалните вљубеници во спортски автомобили, немаат алтернатива.