MWC 2018: LG V30S ThinQ и V30S + ThinQ официјално претставени
LG на ден пред официјалниот почеток на MWC во Барселона ги претстави најавените надоградби за моделот V30 кои доаѓаат под имињата V30S ThinQ и V30S+ ThinQ
Единствената разлика помеѓу двата модели е во меморијата – моделот S има 6 GB RAM и 128 GB внатрешна меморија, додека S+ истите 6 GB RAM и 256 GB за складирање на податоци. Споредбено со стандардниот V30 лансиран минатата година, единствената хардверска разлика е токму во меморијата, а надворешно во двете нови бои на куќиштето, New Morrocan Blue и New Platinum Gray.
Ознаката ThinQ го означува доаѓањето на вештачката интелигенција во паметните телефони на LG. Составни компоненти на новиот интерфејс се AI CAM, кој е одговорен за идентификување на сцени при фотографирање и QLens за шопинг, а уредот може да комуницира и со други паметни уреди, како што се машини за перење и сушење на алишта, прифаќајќи ја IoT иднината. Од помош е и соработката со Google Assistant, од која корист треба да имаат сите, бидејќи Google планира да го покрие глобалниот пазар.
Постоечките корисници на LG V30 ќе ја добијат ThinQ платформата преку системско ажурирање, а со него доаѓа и таканаречениот Bright Mode за камерата кој ги подобрува фотографиите при слаба осветленост. Новите модели во продажба пристигнуваат следниот месец, а цените се уште се непознати.