Travelmate е паметен куфер кој ќе треба да го земете во раце само кога ќе одите по скали или кога ќе се испразни батеријата

Во поплавата на паметни уреди, ретко кој би помислил на паметен куфер. Но, тимот на Travelmate Robotics направил одлична работа и дизајнирал куфер кој самостојно се движи, го следи сопственикот во чекор, има вграден GPS, отстранлива батерија со која може да се полнат и други уреди и изгледа одлично.

Под атрактивниот екстериер, скриено е технолошкото чудо. Цел куп на сензори кои на Travelmate му помагаат да се движи во гужва, да открива пречки и да се снаоѓа во сложени ситуации. Може дури да препознае и едноставни гестови и гласовни команди.

Покрај тоа, има вградена скала за да знаете точно колку багаж носите, а GPS-от се грижи дури и кога авиокомпанијата вели дека е изгубен, да можете да го најдете.

Куферот доаѓа во три големини (за да ги задоволи потребите на сите видови патници), а се управува од паметен телефон и апликација.

Од Travelmate Robotics истакнуваат дека ова не е обичен куфер, туку вистински личен роботски асистент кој се грижи вашиот багаж секогаш да стигне на вистинското место. На крајот на краиштата, дури и ако имате само еден Travelmate, тој може да се погрижи другите „обични“ куфери да стигнат до целта. Само треба да ги поврзете.

Travelmate може да се нарача по цена од 1.000 до 1.500 долари, во зависност од големината. Иако цената е висока, за Travelmate има толку голем интерес што ќе мора да почекате најмалку три месеци ако го нарачате денес.