Како потонаа амбициите на BMW, Mercedes и Volkswagen
Германските производители најавија силна електрификација на гамата и освојување на пазарот, но резултатот сеуште изостанува
Пазарот на електрични автомобили силно порасна и оваа година веќе достигна удел од дури 11 проценти на глобално ниво. Сепак, спротивно на очекувањата, ненадејниот раст не се случи на грбот на германските брендови, туку кинеските производители забележаа драстично зголемување на продажбата и со тоа се приклучија на Tesla.
По долгогодишни обиди да ја истиснат Тесла, дури и со помош на кинеските партнери, германските производители сега се принудени да ги намалат своите апетити.
И работите воопшто не изгледаат добро. Пред само неколку дена Volkswagen објави дека се откажува, поточно го одложува проектот „Trinity“. Стануваше збор за развој на голем електричен автомобил со зголемен досег и опремен со напреден систем на автономно возење, поточно ниво 4. Проектот е одложен најмалку две години, а со тоа и значаен дел од амбициозниот план кој предвидуваше инвестиција од 52 милијарди евра во развој на електромобилноста, најголема во автомобилската индустрија.
Во исто време, Mercedes е принуден да ги намали цените на своите електрични модели во Кина. EQS и EQE можеби се одлични автомобили, но очигледно тоа не е доволно за да се оправда огромната разлика во цената. Затоа Mercedes едноставно мораше да ја намали нивната цена.
„Германските производители на автомобили најавија смели цели за електрификација и тврдат дека ја предводат транзицијата, но тие сè уште не се баш таму“, вели Мајкл Дин од Bloomberg Intelligence, заклучувајќи: „Имаат уште долг пат да поминат“.
BMW, Mercedes и Volkswagen инвестираат околу 100 милијарди евра во изградба на нова инфраструктура во однос на платформи, фабрики за батерии и софтвер, се со цел да бидат подготвени да понудат електрични возила од новата генерација. Тие се надеваат дека ќе станат лидери во однос на досегот, но и дигиталните опции кои доаѓаат како нови извори на приход. Сето ова треба да им помогне да ги остават зад себе своите технолошки конкуренти, но тоа денес е тешко да се поверува.
Никој не се сомнева во можностите на германската автомобилска индустрија кога станува збор за самата автомобилска технологија, но дигиталните технологии и самиот пристап кон концептот на автомобил се доведени во прашање.
„Од хардверска перспектива, не би се сомневал дека тие можат да направат врвни автомобили“, вели за Automotive News Europe Аксел Шмит, глобален шеф за автомобилизам во консултантската компанија Accenture. „Но, дали сложеноста и квалитетот потребни за софтверот може да се совладаат од 120-години старото производство на хардвер? Не сум сигурен“.
Volkswagen моментално ја разгледува стратегијата поставена од поранешниот шеф Херберт Дис. Доколку проектот Trinity се одложи и плановите за фабрика за батерии вредна две милијарди евра се откажат, Volkswagen би можел да ја изгуби својата шанса да стигне до Tesla. Со напуштање на проектот тој се враќа на MEB платформата на која се базираат моделите od ID. semejstvoto кои и онака имаат бројни софтверски проблеми.
„Се чини дека Германците во последно време малку се сопнуваат себеси“, вели Матијас Шмит, аналитичар од автомобилската индустрија од Берлин. „Вродениот перфекционизам би можел да биде нивниот најголем непријател и веројатно би ги забавил во електричното опкружување.
Mercedes се уште го бара вистинскиот пат во транзицијата кон електрична енергија. Проблемите на кинескиот пазар се особен предизвик за брендот, кој сака да биде целосно електричен до 2030 година.
Побарувачката за електрични автомобили минатата година во Кина се зголеми за трипати и достигна 3,3 милиони, што е половина од глобалната продажба. Во Европа, пак, ima забележлив, но значително помал раст од 65 отсто (2,3 милиони), додека во Америка двојно се зголеми на 630.000. И уште нешто, просечната цена на електричниот автомобил во Кина е само 10 отсто повисока од конвенционално возило, додека разликата на другите големи пазари е до 50 отсто.
Извор: Index.hr