Како веќе да не се доволно брзи: во Кина тестиран прототип на воз кој може да вози до 1000 km/h!
За потребите на тестирањето, изграден е пробен тунел долг 2 километри и воз со целосен размер, што го прави прв тест од ваков вид
Во Кина, во провинцијата Шанкси, е тестиран првиот прототип на брзиот маглев воз маглев Hyperloop. Во тестирањето се вклучени неколку кинески универзитети, како и националната технолошка компанија China Aerospace Science and Industry Corporation (CASIC), која главно се занимава со вселенска технологија.
За цели на тестирање, изграден е пробен тунел долг 2 километри и воз со целосен обем, што го прави ова прво тестирање од ваков вид со целосно интегриран систем во светот. Возот, кој користи магнетно-левитациски погон, постигнал брзина од 130 km/h, но во план се многу похрабри бројки.
Следниот чекор е изградба на 60 километри тестна цевка, во која би можеле да ја достигнат посакуваната брзина до 1.000 km/h. Повеќе информации нема, освен фактот дека возот користи суперспроводливи материјали за да постигне магнетна левитација. Дополнително, вградени се цевки кои го вшмукуваат воздухот од тунелот, така што нема триење меѓу возот и земјата, а отпорот на воздухот е намален.
„Кина е огромна, растојанието меѓу најблиските градови е до 1000 километри. За да имаме едночасовен економски круг во земјата, потребно ни е превозно средство со брзина од 1000 km/h“, вели Жао Минг, раководител на одделот одговорен за овој проект во CASIC.
Сепак, тој исто така забележува дека оваа технологија, ако е толку брза, мора да биде подеднакво безбедна како и летањето.
Засега има уште многу предизвици, но се напоменува дека на овие возови им се потребни што е можно порамни пруги, кои ќе треба да минуваат низ земјоделски површини.
„Иако теоретските технички проблеми постепено се решаваат, треба рационално да пристапиме кон изградба на мрежа од ултра брзи маглев-правци“, предупредува Факултетот за транспорт при Универзитетот Џијаотонг во Пекинг.