Тест на системи за безбедност: Повеќето автомобили во ноќни услови се слепи! / ВИДЕО
Nissan Pathfinder, Toyota Camry, Toyota Highlander и Ford Mustang Mach-E најдобри на тестот
Автоматските системи за итно сопирање многу помагаат во избегнување на сообраќајни несреќи, особено во случи со налет на возило напред или пешак. Повеќето луѓе кои возат нови автомобили опремени со овој систем веќе го доживеале тоа и ќе се согласат со оваа констатација.
Сепак, иако многу корисни, овие системи не се совршени и имаат особено големи проблеми кога сонцето заоѓа и видливоста станува слаба. Ова го покажала студијата на Американскиот институт за осигурување на автопатот (Insurance Institute for Highway Safety – IIHS). Дури 75 отсто од судирите на возила со пешаци се случуваат во темница, па решиле да направат серија тестови на системот за автоматско сопирање во такви услови.
На тест биле ставени вкупно 23 автомобили, а само четири од нив добиле одлични оценки. За споредба, во услови на добра видливост во текот на денот, дури 19 од 23 автомобили добиле максимална оцена.
Од тестираните модели најдобро се покажале Nissan Pathfinder, Toyota Camry, Toyota Highlander и Ford Mustang Mach-E. Од нив само Nissan Pathfinder успеал да избегне удар во пешак во сите услови во кои биле тестирани автомобилите. Најлоши на тестот биле Toyota Tacoma, Honda Pilot, Nissan Altima и Chevrolet Malibu. На тестот, овие автомобили едвај и да забавиле пред пречката или продолжиле со непроменета брзина. Уште осум автомобили добиле едвај преодна оценка.
Иако се тестирани само модели што се продаваат на американскиот пазар, резултатите од тестот лесно може да се „копираат“ во Европа бидејќи технологиите што ги користат автомобилите се многу слични или идентични. Загрижувачки е што автомобилите се покажале толку лошо на релативно едноставен тест. Се користеле кратки и долги светла, а максималната брзина на автомобилот била помеѓу 20 и 50 km/h.