Првиот сериски соларен автомобил претставен во Германија
Проценетата цена на Sion е 25.126 евра, а планирани се 257.000 автомобили за 7 години
Sono Motors со седиште во Минхен го објави дебито на серискиот дизајн на првото соларно електрично возило во светот, Sion. На настанот „Славете го сонцето“ (Celebrate the Sun) присуствувале над 2.000 гости, бил претставен и 12-метарскиот автобус за јавен превоз на Solar Bus Kit.
Sono Motors е подружница на Sono Group NV, која работи во областа на возила со соларна енергија. За автомобилот се шпекулира уште од 2016 година, но дури сега се најавува неговото сериско производство. Од компанијата известуваат дека заклучно со 1 јули годинава има над 19.000 директни резервации на клиенти со авансно плаќање од 2.225 евра. Проценетата продажна цена се очекува да биде 25.126 евра.
Од Sono Motors информираат дека во развојот од концептот до сега, Sion добил големи подобрувања во однос на претходните концепти. Надворешноста и внатрешноста имаат помалку линии и појасни површини. Ажурираниот надворешен дизајн вклучува нови предни и задни светла, нов дизајн на долната страна, нови рачки на вратите, рационализиран заден дел со нова камера и нов капак на багажникот. Внатре, Sion располага со попространа, почиста внатрешност со повеќе простор за складирање, редизајнирани предни седишта и нов волан.
Во Sion се инсталирани 456 соларни панели, а енергијата генерирана од нив се очекува да биде доволна за кратки патувања (околу 35 километри) без потреба од приклучување на станица за полнење. Ќе биде придвижуван од електричен мотор кој развива моќност до 163 КС. и 270 Nm вртежен момент. Батеријата за складирање ќе има капацитет до 75 kW. Должината на автомобилот е 4.290 mm, ширината е 1.830 mm, а висината е 1.670 mm. Растојанието помеѓу двете оски е 2.770 mm, а растојанието од подлогата е 165 mm.
Програмата за тестирање е веќе започната и ќе се врши под екстремни услови и во Европа и во САД. Плановите се производство на околу 257.000 автомобили Sion во рок од седум години.