Познато колку би можело да чинат синтетичките горива!
Во Porsche сметаат дека со индустриското производство на синтетички горива може да се обезбеди цена пониска од две евра за литар
Да се потсетиме, Европската унија планира да ја забрани продажбата на автомобили со бензин и дизел во 2035 година, со еден исклучок – да работат на климатски неутрално синтетичко гориво. Следува логично прашање… Каква е иднината на овие горива? Па, не е лоша бидејќи компании како Porsche и Toyota се обидуваат да ја придвижат таа индустрија, што би им овозможило да го продолжат животот на нивните икони како 911 или Land Cruiser.
Porsche веќе има функционален пилот-проект, фабрика за производство на е-гориво во Чиле каде постојано се забележуваат удари на ветер до 120 km/h. Така, електричната енергија за производство на гориво се добива со користење на ветерни електрани.
Почнувајќи од оваа година, се очекува пилот фабриката да произведува околу 130.000 литри таканаречено е-гориво годишно. Porsche ќе го преземе овој волумен во целост и првично ќе го користи во спортски натпревари. Во иднина, Porsche планира да ги користи овие синтетички горива во своите модели на мотори со внатрешно согорување, вклучувајќи ги и класиците.
Во Porsche сметаат дека со индустриското производство на синтетички горива може да се обезбеди цена помала од две евра за литар. Исто така, некои производители на моторни масла веќе ја споменуваат можноста синтетичките горива да чинат околу 80 центи за литар. Е-горивата произведени од вода и јаглерод диоксид извлечени од воздухот, со примена во автомобили, авиони и бродови, имаат предност во однос на чистиот водород бидејќи можат полесно да се транспортираат.