Неиспровоцирани возилата почнале да се собираат на едно место во Сан Франциско. Од компанијата потврдија дека имале проблем

Дека целосно автономното возење се уште е далеку од реалноста покажува и примерот од САД каде голема група автономни такси возила од необјасниви причини се собрале на едно место и така го блокирале патот.

Cruise е компанија на GM која со години тестира роботски такси возила во Сан Франциско, а од јуни компанијата има и лиценца за комерцијална употреба. На автомобилите сега им е дозволено целосно да возат без возач или лице кое ќе го надгледува системот, но нивниот простор и време на движење е многу ограничено. Така, на овие роботски таксија им е дозволено да возат максимум 48 km/h и да работат исклучиво ноќе помеѓу 22 часот и 6 часот наутро и само на одредени патишта. Исто така, не смеат да возат при дожд и магла или кога видливоста е слаба поради други причини. Но, и покрај ова, работите засега не функционираат совршено.

Фотографиите објавени за прв пат на Reddit покажуваат група такси возила запрени на сред пат во Сан Франциско околу полноќ. По дваесетина минути на местото на „спонтаниот собир“ дошле вработени од компанијата и им требало долго време да ги преместат автомобилите и да го деблокираат патот.

Компанијата не открива што го предизвикало овој крајно необичен настан. Тие потврдуваат дека имало проблем поради кој група автомобили се собрала на едно место. Тврдат дека патниците немале никакви последици и се извинуваат.

Ова не е прв инцидент со автономните автомобили на Cruise. Кон крајот на мај, едно тестно возило блокирало противпожарно возило кое било на интервенција. Кога пожарникарите го обиколувале камионот за смет, автономен автомобил дошол од спротивната насока и застанал целосно блокирајќи го патот. Поради тоа, пожарникарите многу доцнеле во интервенцијата, а резултатот бил повреди на станарите и материјална штета.

Овие примери покажуваат дека автономното возење сè уште е далеку од целосно имплементирање во пракса, па затоа многумина се сомневаат во проектот за робот-такси, како на пример на хрватскиот Rimac, кој треба да заживее во 2024 година на улиците во Загреб.