САД го блокира новиот „Москвич“
Kamaz се најде под санкции на САД, што значи крај на кинеските компоненти
Гласно најавеното заживување на брендот „Москвич“ од страна на руските власти, најверојатно нема да се случи поради новите санкции од страна на САД, пишува рускиот весник Kommersant. На 28 јуни, производителот на камиони Kamaz, кој требаше да биде главен производствен партнер на фабриката во Москва, влезе во компаниите од таканаречената SDN (Specially Designated Nationals And Blocked Persons List) листа. Листата ги вклучува и сите подружници на Kamaz. Според експертите, ова во пракса значи кратење на пристапот на групата до секакви увезени компоненти, вклучително и кинески.
JAC J7
Кинескиот JAC J7 беше прогласен за најверојатниот модел кој ќе започне ново производство во Москва. Сепак, елиминацијата на Kamaz значи дека фабриката ќе мора да бара нов технолошки партнер. Другиот голем руски производител, GAZ, исто така е под санкции
За заживување на „Москвич“ се шпекулираше откако руската држава ја национализираше фабриката на Renault Group во Москва. Управувањето на фабриката беше оставено на локалните власти во руската престолнина, а тие пак најавија вклучување на Kamaz како главен технолошки партнер. Плановите беа да се произведува идниот електричен автомобил „Кама“ во Москва, како и автомобили на кинескиот производител JAC, кој има партнерство со Kamaz.
Kamaz Compass
Поради влезот на SDN листата, Kamaz ќе мора да го запре извозот на лесниот камион Компас. Самото производство е загрозено бидејќи кинеските добавувачи на компоненти веројатно нема да преземат ризик
Kamaz е вклучен на SDN листата поради учеството на неговите производи во воената инвазија на Украина. За разлика од европските санкции, американските санкции функционираат и вонтериторијално и се однесуваат и на компании регистрирани во САД и на странските компании кои го користат доларот како платежно средство. Кинеските банки се многу внимателни да не работат со компании од листата, за да не бидат и самите тие подложени на санкции, коментира Kommersant. Поради тоа и кинеските индустриски компании опслужени од овие банки се обидуваат да избегнат трансакции со санкционирани лица.
Според експертите цитирани од Kommersant, приклучувањето кон SDN најверојатно не само што ќе значи откажување на производствените планови на „Москвич“, туку и затворање на лентата за склопување на лесниот камион Compass.