Спас за дизелите и бензинците во Европската унија?! Од 2035 година легални ќе бидат и синтетичките горива!
Се отвора простор за развој на синтетички горива и нивна употреба, односно понатамошно производство на бензинци и дизели
Европскиот парламент неодамна донесе одлука дека од 2035 година нема да има нови бензински и дизел мотори на патиштата во ЕУ. Но, во средата навечер се одржа уште еден важен состанок на кои се сретнаа министрите за животна средина на ЕУ. Очигледно Германија и Италија, како големи членки на ЕУ, успеаја во своето лобирање, па во новиот нацрт е вклучена и опцијата за синтетички горива со нулта емисија. Тоа би било спас за дизелите и бензинците кои би се продавале по 2035 година. Исто така, на овој начин државите, големите производители на автомобили, би можеле да ги зачуваат работните места во автомобилската индустрија. Со доминантните електрични автомобили ќе се затвори дел од бизнисот во автомобилската индустрија. Вака се отвора простор за развој на синтетички горива и нивна употреба, односно понатамошно производство и на бензинците и на дизелите.
Сега мора да се постигне конечен компромис меѓу Европската комисија и Европскиот парламент. Наводно, по министерските состаноци, Европската комисија одлучила да поднесе предлог кој вклучува синтетички горива.