Намерата е да се забрза транзицијата на Европа кон електрични возила и да се поттикнат производителите да инвестираат повеќе во електрификација

Европратениците со мнозинство гласови ја подржаа забраната за продажба на нови возила на бензин и дизел од 2035 година, со цел да се забрза транзицијата на Европа кон електрични возила.

Гласањето е во согласност со клучните планови на Европската унија за намалување на вкупните емисии за 55 отсто до 2030 година, во споредба со нивоата од 1990 година, цел што бара побрзо намалување на емисиите во индустријата, енергетиката и транспортот.

Европратениците го поддржаа минатогодишниот предлог на Европската комисија за 100% намалување на емисиите на јаглерод диоксид од новите автомобили до 2035 година, а тоа значи и прекин на продажбата возила со погон на фосилни горива во Унијата од таа година.

Предлозите на некои пратеници за намалување на целта на 90 проценти до 2035 година беа отфрлени. Законот се уште не е конечен. Гласањето во средата само ја потврди позицијата на парламентот за претстојните преговори со земјите-членки за конечниот закон.

Намерата е да се забрза транзицијата на Европа кон електрични возила и да се поттикнат производителите на автомобили да инвестираат повеќе во електрификацијата, дополнително зајакната со друг закон кој ќе бара од земјите-членки да постават милиони станици за полнење на електрични возила.

„Купувањето и возењето автомобили со нулта емисија на штетни гасови ќе стане поевтино за потрошувачите“, вели Јан Хуитема, главен преговарач на парламентот задолжен за таа политика.

Производителите како Ford и Volvo јавно го поддржаа планот на ЕУ за суспендирање на продажбата на возила со мотори со внатрешно согорување до 2035 година, а други, вклучително и Volkswagen, се обидуваат да престанат да продаваат такви возила во Европа до тој датум.

Но, е-пошта видена од Reuters, покажува дека засегнатите страни во автомобилската индустрија, вклучително и германското здружение за автомобилска индустрија VDA, лобираат за отфрлање на целта за 2035 година. Тие порачуваат дека таков план ги казнува алтернативните горива со ниска емисија на јаглерод диоксид и дека е премногу рано за такво обврзување поради неизвесното воведување на инфраструктура за полнење.

„Нашите ставови се транспарентни. Нашата мисија е да ги развиеме најдобрите решенија со сите вклучени“, вели портпаролот на VDA.

Електричните автомобили и plug-in хибридните возила сочинуваат 18 отсто од новите патнички автомобили продадени во Унијата минатата година, но, според Европската асоцијација на производители на автомобили, вкупната продажба на автомобили падна во услови на недостиг на полупроводници,.

Една четвртина од емисиите на стакленички гасови во Европа доаѓаат од транспортот, а нивоата на стакленички гасови во секторот се зголемија во последниве години, што ги отежнува напорите за избегнување на опасните нивоа на климатски промени.