Twingo Cup викендов се вози во Австрија!
Рекорден број на пријавени возачи за трката, 34 кои ќе возат на двете планирани трки, во Сабота и во Недела, меѓу кои и деветмина Македонци
Познатата патека Red Bull Ring во Австрија викендов ќе биде домаќин на втората трка од првенството на Twingo Cup тркачка серија во која настапуваат и деветмина македонски возачи. Ова е трета сезона на Twingo Cup што се одржува во организација на Аутомотив Груп и Рено Спорт клуб.
Патеката на која се возат и Ф1 трки првпат е домаќин на малите твинговци, и за оваа втора трка пријавени се 34 возачи, што е најмногу досега. Покрај деветтемина Македонци кои ќе возат, има и возачи од Словенија, Италија, Србија, Чешка и од Австрија. Покрај за Twingo Cup истите трки ќе се бодуваат и за FIA CEZ првенството, и за националните првенства на Словенија и на Македонија.
Во Петок се слободните тренинзи за сите 34 натпреварувачи во утринските часови, а попладне е предвидено да се возат и квалификациите во траење од 25 минути по што ќе бидат одредени и стартните позиции за двете трки. Првата трка е планирано да се вози во Сабота од 19,30 часот, а втората во Недела од 10,55 часот.
Македонските возачи за Австрија патуваат во „полн состав“ вклучувајќи ги и Владимир Трнески и Давид Малинковски, кои победија во првенството на Македонија на двете трки. Тренески беше најбрз на првата трка. На втората во самата завршница имаше пех и мал инцидент поради што не ја заврши трката, но возилото е подготвено за она што го очекува во Австрија.
„Ова ќе биде првпат да возиме на оваа патека. Не ја познаваме доволно добро, но така ќе биде за речиси сите возачи. Има многу брзи делови на патеката и малку сопирање. Јас повеќе сакам технички патеки, но и сега ќе дадеме се од себе да бидеме добро пласирани. Во Унгарија покажавме дека сме кадарни да се носите со другите возачи. Сега тука ќе има делови каде возилата нема да развиваат голема брзина поради нагорнините, ќе се вози во групи а поради широката патека сигурно ќе има и повеќе возила што ќе се обидуваат да престигнуваат’’, вели Владимир Тренески победникот од првата трка во Унгарија.
Покрај Унгарија сезонава ќе се возат трки и на патеките Red Bull Ring во Австрија, на Гробник во Хрватска, кај Брно во Чешка, на Серез, Грција и на Монца Италија.
За Марко Блажевски Австрија ќе биде место повторно да потврди дека вози одлично сезонава, и да го потврди оптимизмот со кој влегува во третата сезона.
„ Очекуваме релативно брза трка, со многу „фирунг возење“ (еден позади друг). Нема многу свиоци на патеката, и секако очекувам да бидеме подеднакво брзи. Оптимист сум и секогаш целам кон врвот, па затоа очекувам да бидеме во самиот врв. Само да немаме пехови. Не се плашам да притиснам на гаста и онаму каде другите сопираат. Сигурно ќе има и меѓусебно помагање со другите Македонци па патеката за да можеме да им конкурираме на другите, вели Марко Блажевски.
Прогнозите се дека ќе има „влажен“ тркачки викенд во Австрија, со можен дожд, кој ветува уште повозбудливи трки.
Актуелен првак во Twingo Cup за 2021 година е Давид Малинковски кој лани освои 122 бода и победи на четири од вкупно осум трки, а шест пати беше на пиедесталот.