Кој ќе ја замени руската нафта: Многу веројатно дека тоа ќе биде Саудиска Арабија!
Поради неискористените капацитети на земјите од Заливот, тие се единствените кои можат да го компензираат недостигот на нафта произведена во Русија
Државната нафтена компанија на Саудиска Арабија соопшти дека ќе ги зголеми инвестициите во производството на нафта за да одговори на растечката глобална побарувачка. Saudi Aramco, најголемиот светски извозник на нафта, објави дека неговата нето добивка се зголемила за 124 отсто на 110 милијарди долари во 2021 година, во споредба со 49 милијарди долари една година порано. Компанијата соопшти дека нејзиниот профит се зголемил како резултат на повисоките цени на суровата нафта и зголемената маржа во бизнисот со рафинирање и хемикалии.
Суровата нафта од типот Brent скокна за 139 долари за барел претходно овој месец, што е рекорд во изминатите 14 години, но оттогаш падна на 110 долари. Во почетокот на декември цената на барел сурова нафта беше под 70 долари.
Од Aramco очекуваат дека побарувачката на нафта ќе продолжи да расте, поради што се интензивираат инвестициите, односно капиталните издатоци. Тие растат меѓу 40 и 50 милијарди американски долари за 2022 година, со дополнителни зголемувања што се очекуваат до средината на деценијата. Капиталните издатоци на државната нафтена компанија беа нешто помалку од 32 милијарди долари во 2021 година. Западните влади во последните денови побараа од Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати да произведат повеќе нафта за да ја прекинат зависноста од испораките од Русија. Продукцијата ја поттикна американскиот претседател Џо Бајден, а арапските земји ги посети и британскиот премиер Борис Џонсон.
Поради неискористените капацитети, земјите од Персискиот залив се единствените кои можат да го компензираат недостигот на нафта произведена во Русија, а во случај на зголемување на производството, цените би можеле да останат во нормала.