ЕУ ги заострува тестовите за емисии за plug-in хибридите, кои загадуваат повеќе од очекуваното
Европските регулатори бараат пореална слика за тоа колку хибридните автомобили се потпираат на нивните мотори со внатрешно согорување во споредба со електричната батерија
Европската унија планира да ги заостри тестовите за емисиите на јаглерод диоксид од plug-in хибридните автомобили, потврдуваат за Reuters два извори запознаени со ова прашање, по критиките дека сегашните тестови даваат до 75% пониски резултати од реалните емисии.
Новата методологија може да значи дека некои производители на автомобили, кои продадоа речиси исто толку plug-in хибриди во Европа колку и чисто електрични возила (BEV) во 2021 година, ќе мора да продаваат повеќе BEV во иднина за да ги исполнат целите на ЕУ за емисиите и да избегнат големи казни.
Ревидираниот тест веројатно ќе се применува од 2025 година, велат истите извори.
Податоците од мерачите на потрошувачката на гориво – кои според законите на ЕУ мора да бидат вградени во новите автомобили од 2021 година – ќе бидат вклучени во тестот. Ова ќе покаже пореална слика за тоа колку хибридните автомобили се потпираат на нивните мотори со внатрешно согорување во однос на електричната батерија.
Промената во тестот за подобро мерење на реалните емисии е поддржана од еколошките организации, кои предупредуваат дека plug-in хибридите не се толку „зелени“ како што се мисли и дека не треба да се третираат исто како чисто електрични возила при дизајнирање политики за поттикнување на електрификацијата.
Реалност против теорија
Производителите на автомобили, кои сè уште се обидуваат да ја вратат довербата на јавноста по дизел скандалот во 2015 година, во кој некои од нив користеа нелегален софтвер за мамење на тестовите за издувни гасови, често ги објавуваат резултатите од нивните тестови за издувни гасови на почетокот на годината.
Официјалните податоци Европската комисија ги објавува подоцна.
Volkswagen, Mercedes-Benz, BMW и Renault објавија дека ги исполниле целите за 2021 година благодарение, меѓу другото, и на рекордната продажба на електрични возила.
Производителите им плаќаат на инспекторите да го надгледуваат спроведувањето на стандардизираниот WLTP тест за сите нивни типови возила – од оние со SUS мотори, преку хибридни, до чисто електрични.
Тоа се прави во нивните лаборатории, со цел да се дојде ди просечна емисија на јаглерод диоксид по поминат километар. Целите за 2021 година беа околу 95 грама CO2 на километар.
Процесот на тестирање WLTP е осмислен на основа на реалните податоци за тоа како и каде возат луѓето, од растојание и брзина до тип на пат, со значително подобрување во однос на претходниот тест (NEDC) кој се базираше исклучиво на теоретски модели.
Тест далеку од реалноста
Сепак, студиите на експертите за животна средина, како што е Меѓународната организација за чист транспорт (ICCT) покажуваат дека WLTP тестот е далеку од реалноста, особено за хибридните автомобили кои се потпираат на мотори со внатрешно согорување и дека загадувањето е околу двојно поголемо од покажаните тест резултати.
ICCT предупредува дека plug-in хибридите се со помала веројатност да се полнат со електрична енергија и имаат пократка чиста електрична автономија додека возат отколку што претпоставува тестот.
Отстапувањето во реалниот свет е уште поголемо за службените автомобили, веројатно затоа што возачите имаат помала мотивација да полнат – што е поевтина опција од полнењето гориво – затоа што самите не плаќаат гориво.
Иако ЕУ изгласа дека производителите на автомобили ќе мора да инсталираат специјални мерачи за потрошувачка на гориво во своите автомобили од 2021 година, сè уште не беше јасно дали овие податоци ќе бидат вклучени во тестовите за емисиите.
„Емисиите продолжуваат да паѓаат секоја година и тоа е вистински успех. Сепак, хибридите се голем проблем – тоа е она што е матно“, вели Питер Мок, генерален директор на ICCT за Европа.