Студија покажала дека луѓето дефинитивно можат да се потрудат повеќе за да го одржат својот автомобил чист

На првиот поглед можеби и неприметливо, но во случајот со внатрешноста на автомобилите, најважен е оној „вториот“ зад кој стојат сериозни експерти. Повеќето салони од автомобилите делуваат коректно или релативно чисто, но најважно е секогаш она што не можете да го видите со голо око. Тоа е светот на бактерии, од кои некои може дури и да ви „договорат“ преглед на лекар. Scrap Car Comparison нарачала студија од Факултетот за биолошки науки на Универзитетот Астон во Велика Британија, која земала примероци од два тоалета и пет возила.

За жал, секое возило содржело фекални бактерии. Можеби изненадувачки, највисоките нивоа на фекални бактерии се наоѓаат во багажникот, каде што често ја транспортираме храната, која потоа ја ставаме на, на пример, пултот во кујната. Фекалните бактерии често се вкоренети и на возачкото седиште, што веројатно малку помалку изненадува.

Што се однесува до највалканите места во автомобилите, багажникот е убедливо на прво место бидејќи таму се пронајдени 1.425 бактерии. Потоа следат возачкото седиште (649 бактерии), менувачот (407 бактерии), задното седиште (323 бактерии) и инструмент таблата (317 бактерии).

Една од најчистите области во автомобилите е воланот, што е изненадувачки бидејќи возачите ги држат рацете на воланот, но научниците веруваат дека ова може да се објасни со зголемената употреба на средства за дезинфекција на рацете за време на пандемијата со коронавирус. На мал примерок се покажало дека постарите возила имаат повеќе бактерии. Секој автомобил, исто така, содржел значително поголемо вкупно бактериско оптоварување од секој тоалет од кој бил земен примерок.

„Автомобилите од примероците беа силно контаминирани, и тоа не само со бактерии што би очекувале да ги најдеме, на пример Staphylococcus epidermidis, вид на кожен микроб кој се наоша на рацете. Најдовме E. coli во некои делови од автомобилот, како што е багажникот, која е еден вид фекална бактерија и може да предизвика труење со храна, дијареа и повраќање доколку се проголта во значителни количини. Меѓутоа, за да ги идентификуваме ризиците од пронајдените бактерии, навистина ќе треба да навлеземе подлабоко во микробиологијата за да го разбереме секој вид. Луѓето, се разбира, не се разболуваат секогаш кога ќе влезат во автомобилот. Не треба да бидеме премногу загрижени, само треба да имаме на ум дека не се гледа целата нечистотија. Оваа студија покажа дека луѓето дефинитивно можат да направат повеќе за да го одржат својот автомобил чист. На крајот, станува збор за ублажување на ризикот од болест. Малку е веројатно дека ќе јадеме храна во багажникот на нашиот автомобил, но често јадеме храна на возачкото седиште. Чистењето на рацете пред јадење во таа средина е добра идеја, а знаењето каде може да се наоѓаат микроорганизмите може да ни помогне да размислиме повеќе за нашите навики додека возиме“, вели авторот на студијата, д-р Џонатан Кокс.