Еден полнач за се! Наскоро во Европа закон за ист полнач за паметни телефони, таблети, конзоли… Аpple негодува
Повеќето телефони кои се продаваат денес имаат исти приклучоци за полнење, но не и iPhone на Apple
Земјите членки на ЕУ договорија заеднички став за единствен полнач за електронски уреди, врз основа на кој ќе преговараат со Европскиот парламент за конечниот текст на законот.
На 23 септември минатата година, Европската комисија предложи решение за полнење на електронските уреди, како мобилни телефони и таблети, според кое сите треба да имаат влезна порта USB Type C, што е клучен чекор за конечно воведување на универзален полнач.
Сега комисијата предложи измена на директивата, врз основа на која USB Type C треба да стане стандардна порта за полнење на паметните телефони, таблети, камери, слушалки, преносни звучници, рачни конзоли за видео игри…
Така, универзалниот USB Type C приклучок ќе им овозможи на потрошувачите да полнат различни уреди со ист полнач, без оглед на брендот на уредот.
Предлогот предвидува полначот да се продава одделно од уредот, што значи дека новиот полнач нема нужно да биде вклучен при купување на нов уред. Ова треба да ја намали количината на електронски отпад и да заштеди пари на потрошувачите.
Според проценките на Комисијата, потрошувачите од ЕУ би можеле да заштедат 250 милиони евра годишно за непотребно купување полначи, а количината на електронски отпад би се намалила за околу илјада тони годишно.
Комисијата се обидува да го реши проблемот со еден полнач од 2009 година, што доведе до тоа денес да имаме три наместо триесет различни полначи за уреди.
Најголемиот отпор кон универзалниот полнач со години има американскиот производител Apple. Повеќето телефони кои денес се продаваат користат micro-USB или USB Type C порта за полнење, но не и iPhone на Apple.