Градови со најскап паркинг на улица: Во Лондон, час 610 денари
Ако мислевте дека еден час паркирање е скап во центарот на Скопје, погледнете колку ќе ве чини во Лондон, Осло …
Специјализирана веб-страница за промоции и попусти за онлајн шопинг, picodi.com, подготвила извештај кој покажува разлики во цените на јавниот паркинг на улица во големите европски градови.
Анализата на страницата открива колку чини паркирањето во 48 главни и поголеми градови низ светот и какви се попустите кои им се нудат на жителите од овие области на месечно и годишно ниво. За изготвување на овој извештај, тие ја земале во предвид цената за еден час паркирање на улица во работните денови во области со регулирани зони за паркирање, како и специјалните понуди за жителите од овие области. Резултатите покажуваат дека цената за еден час паркирање може да варира во зависност од побарувачката за паркинг места на одредено место. Во принцип, колку подалеку од центарот, толку е помала цената.
А за тоа колку всушност е скапо паркирањето во некои европски градови најдобро говори цената за еден час паркирање во главниот град на Велика Британија, каде е најскапо: до 9,9 евра или 610 денари.
Во Лисабон на пример се плаќа 3 евра или 185 денари за еден час паркирање во центарот на градот, а во француската престолнина Париз е двојно поскапо од Лисабон, но и двојно поевтино од Лондон – 6 евра или 370 денари. Во главниот град на Шпанија еден час паркирање е нешто поевтино, а во центарот чини од 55 до 75 денари.
Најевтиниот град на скалата е главниот град на Ерменија, Ереван, каде еден час паркирање во регулирана зона во центарот чини само 10 денари.
Жителите на центарот во повеќето европски метрополи, имаат повластена тарифа во однос на адресата на живеење, а интересно е што во 6 од 48-те градови за жителите паркирањето во центарот е бесплатно (меѓу кои и Скопје).
Со 30-100 денари на час паркирање во центарот, Скопје е некаде во средината на листата, а дефинитивно меѓу најскапите градови во регионот.