Голем тест на Autobest: Ниту еден од 15-те тестирани електрични автомобили не го достигнува фабрички наведениот опсег!
Жирито на AutoBest тестирало 15 електрични автомобили во практично возење и нивниот опсег со едно полнење на батеријата
Резултатите од ECOBEST Challenge – Electrified by VinFast на Autobest изгледаат разочарувачки, иако и автомобилите со бензински или дизел погон ретко, го достигнуваат фабрички декларираниот опсег. Сепак, впечатливо е што само пет тестирани електрични модели достигнале повеќе од 90 проценти од официјалниот фабрички циклус.
Добрата вест, од друга страна, е што ниту еден модел не направил помалку од 75 отсто од наведената километража. Практичниот тест покажал дека кога индикаторот за батерија покажува дека не можете да продолжите да возите, сепак може да се помине значително растојание. Кај сите 15 тестирани автомобили тоа растојание се движи меѓу 14 и 37,8 километри.
Практичните податоци доаѓаат од жирито на Autobest составено од 30 европски новинари. Тестот е направен во близина на Барселона, а маскималната цена на тестираните модели е 32.000 евра.
Меѓу нив е и најевтиниот електричен автомобил, Dacia Spring, кој постигнал најдобар резултат. Dacia достигнала 98,67 отсто од хомологираниот опсег, или 221,03 километри во споредба со фабричку декларираните 224 километри. На дното на листата се Honda со 78,46 отсто од декларираното и Citroën ë-C4 со 74,59 отсто.
Останатите резултати од тестот:
- Citroën ë-C4 : 262,54 km (74,5 % од фабрички декларираниот опсег)
- Cupra Born: 339,11 km (79,9 %)
- Dacia Spring : 221,03 km (98,6 %)
- Fiat 500e: 265,46 km (82,9 %)
- Honda e : 174,18 km (78,4 %)
- Hyundai Kona: 446,64 km (92,2 %)
- Kia e-Niro: 433,35 km (95,2 %)
- Mazda MX-30: 183,32 km (91,6 %)
- Nissan Leaf: 311,06 km (80,7 %)
- Opel Corsa-e: 284,11 km (90,1 %)
- Opel Mokka-e: 260,37 km (80, 3 %)
- Peugeot e-2008: 255,62 km (79,3 %)
- Peugeot e-208: 269,67 km (79,3 %)
- Renault Zoe: 334,22 km (85,9 %)
- VW ID.3 : 338,53 km (80,4 %)