Почина една од легендите на Formula 1
Сер Френк Вилијамс го напушти овој свет на 79 години
Легендата на Formula 1, Сер Френк Вилијамс, основач и поранешен долгогодишен шеф на тимот на Williams Racing почина на 79-годишна возраст. Британецот беше една од највлијателните фигури во историјата на мотоспортот, откако во 1977 година заедно со Патрик Хед стана коосновач на еден од најсилните тимови во шампионатот.
Вилијамс помина вкупно 50 години во Formula 1, освојувајќи 9 конструкторски титули и 7 возачки за истоимениот тим – Алан Џонс (1980), Кеке Розберг (1982), Нелсон Пике (1987), Најџел Менсел (1992), Ален Прост (1993), Дејмон Хил (1996) и Жак Вилнев (1997). Неговиот тим има 114 победи во Formula 1 шампионатот.
Смртта на Сер Френк ја објави неговото семејство. Легендарниот Британец бил примен во болница во петокот, но починал вчера откако неговата состојба нагло се влошила.
„Денес и оддаваме почит на една многу сакана и инспиративна личност. Френк ќе ни недостига неверојатно многу. Ги замолуваме сите пријатели и колеги да ја почитуваат желбата на семејството Вилијамс за приватност во овој момент“, се вели во официјалното соопштение од тимот на Williams, кој до минатата година го предводеше неговата ќерка Клер по оставката на нејзиниот татко поради здравствени проблеми. Во септември 2020 година, таа ја напушти функцијата и на тој начин заврши една ера во Formula 1.