За возило замислено во 2000-тите, Nissan GT-R одлично ја извршува работата во доменот за кој е создаден

Без разлика што се уште е во актуелната генерација, R35 е веќе култен модел, омилен меѓу светските тјунери, владетел во трките за забрзување на четвртина милја. Секако, одамна тоа не е во стандардната верзија.

За да се излезе на крај со помладата конкуренција, потребно е некои работи да се средат „под лимот“, а тоа значи 3.8-литарскиот V6 твин-турбо, кој нормално има 480 до 600 коњски сили, да се „фризира“ за да испорачува над 1.000 КС.

До стотка забрзува за нешто повеќе од три секунди, додека најновата верзија на Nismo го намалува тоа време на 2,5 секунди. Сепак, сето ова не е ништо во споредба со најбрзиот GT-R во светот.

Веќе на прв поглед е јасно дека ова не е фабрички модел. Добро „набилданата“ каросерија, масивното задно крило, драг пневматиците и падобранот кој помага при забавувањето, јасно укажуваат за каков „ѕвер“ станува збор. Предметниот GT-R е трансформиран од спортски автомобил во расен драгстер.

Како што веќе спомнавме, станува збор за најбрзата „Годзила“ во светот, барем кога станува збор за забрзување до четвртина милја. Не е ни чудо, бидејќи има, внимавајте сега – 2.300 КС! Во неговиот случај, целосната моќ се пренесува на задните тркала.

Четвртина милја поминува за 6,5 секунди, а сосема е очигледно дека може да оди и побрзо. За споредба, најдоброто време направено од Tesla Model S Plaid е 9 секунди. Се разбира, пуленот на Тesla е сериски автомобил, додека овој GT-R е темелно изменет за трки за забрзување.

Погледнете го на дело.