Премиера за рестилизираниот Ford Focus / ФОТО+ВИДЕО
Focus не е лидер во европскиот C сегмент кога станува збор за продажбата, но тоа не значи дека Ford се откажал од усовршување на сегашната генерација
Судбината на Ford Focus на Стариот континент е сеуште непозната. Пред две години заврши неговата приказна во Северна Америка, но засега, на овие простори, се уште добро се држи, иако му се заканува големата популарност на SUV моделите од истата куќа. Како и да е, Focus, сега за сега, е суштински модел за Ford во Европа.
Кога станува збор за дизајнот и изгледот на возилото, нема сериозни промени… Само добрите познавачи на автомобилите на Ford ќе забележат дека беџот на „Синиот овал“ е преместен на решетката од ладилникот, а LED светлата позади имаат нова светлосна шема. Претставниците на американскиот бренд истакнуваат дека вложиле дополнителен напор различните тримови на Focus визуелно да се дистанцираат едни од други.
Така, на пример, „спортскиот“ Focus ST-Line се издвојува со „здолништата“ под праговите, дифузер, заден спојлер… Focus Active продолжува со својот кросовер стил и пластика над тркалата за поробусен изглед и надеж за понекој клиент кој се намерачил на слични SUV модели.
Кога станува збор за салонот, промената е лесно забележлива. Поставен е „џиновски“ екран за контрола на инфо-забавниот систем со дијагонала од 13,4 инчи, што е невидено во сегментот Ц! Сега има помалку физички копчиња и прекинувачи на централната конзола, се за постигнување на минималистички изглед на тој дел од ентериерот.
Што се однесува до промените под хаубата, тие се минимални. Така, Focus останува достапен со 1.0 EcoBoost 3-цилиндерски мотор понуден во повеќе конфигурации: 100, 125 и 155 КС. Варијантата со 125 „коњи“ може да се спари и со благ хибриден систем, додека истото е задолжително за помоќното издание со 155 „коњи“.
Новина е што споменатите две верзии сега се достапни со седумстепен автоматски DCT менувач. Секако добрата вест е дека Ford Focus сепак нема да се откаже од дизелот. Единицата 1.5 EcoBlue останува во понуда во две конфигурации – со 95 или 120 КС.
Секако, шлаг на тортата во понудата е hot hatch варијантата Focus ST. Тука нема промени на механичко ниво, што значи дека под хаубата се уште има 2,3-литарски бензински блок кој испорачува респектабилни 280 КС. Focus ST со рестилизацијата добил поинаков дизајн на фелните, но и ги елиминирал Recaro седиштата со што се отворил простор за седишта кои се развиени од американската марка.
Интересно е и тоа што Ford со рестилизацијата не понуди никаква сериозна форма на електрификација, така што нема класични или plug-in хибриди.