Веќе од 2024 година, помалиот SUV модел на Porsche ќе биде достапен исклучиво со погон на струја

Porsche го потврди она што веќе извесно време се шпекулира – малку е веројатно дека Macan ќе може да преживее со термички мотори. Себастијан Штајгер, човекот задолжен за кариерата на Macan во Porsche, за британскиот Autocar потврди дека во 2024 година овој теренец најверојатно ќе се нуди само со електричен погон.

Тој објаснува дека регулативите играат голема улога во пазарниот живот на модерните возила. 

„Регулативите за емисија на штетни гасови се еден од ограничувачките фактори“, вели Штајгер, мислејќи на построгите Еуро 7 норми кои наскоро треба да влезат во слика за европскиот пазар.

Но, тоа не значи дека бензинскиот Macan веднаш ќе исчезне од понудата. Моделот има уште три години живот пред себе, до 2024 година, кога целосно ќе ја препушти сцената на електричното издание. Како потсетување, Macan скоро доби рестилизација, што би требало да го овозможи проценетиот рок на траење до 2024 година.

Во меѓувреме, Porsche ќе работи на електрична варијанта на овој многу популарен SUV (во првата половина од оваа година се испорачани 43.618 примероци). Премиерата на батерискиот Macan ќе биде следната година, а некои веруваат дека би можела да биде веќе во февруари, на следниот саем за автомобили во Женева.

Електричниот Macan ќе биде првиот сериски автомобил кој ќе ја користи „PPE“ платформата. Оваа архитектура е заеднички развиена од Porsche и Audi, и треба да одигра огромна улога во понатамошната електрификација на споменатите брендови.