Дали ви се допаѓа или не, електричните автомобили стануваат се попопуларни, а продажните бројки се потврда за тоа (се разбира не кај нас)

 

Но во оваа популарност се вклучени и производи, како што се гумите кои се дизајнирани поинаку за автомобилите со нула емисија на штетни гасови.

Кои се овие разлики? Иако постојат голем број писмени тврдења во врска со разликите, но еве и реален тест спроведен од YouTube каналот Tire Reviews.

Прво за контрастите: Tire Reviews за тест возило го користеле Audi e-tron. E-tron е опремен со сет од 22-инчни тркала, кои се „облечени“ со гуми Hankook Ventus S1 Evo3, со тоа што едниот комплет е наменет за неелектричен теренец, додека другиот е наменет за електричен модел.

По тестирањето, откриено е дека управувањето е значително подобро со гумите за електрични автомобили. Автомобилот реагира подобро, станува полинеарен и попредвидлив. И покрај разликата во тежината, нема значаен ефект врз влечењето, но има при сопирањето, бидејќи гумите за електрични автомобили обезбедиле осум проценти пократко растојание за сопирање.

Во однос на удобноста, гумите биле прилично изедначени, особено кога станува збор за преминување на ударни дупки и испакнатини на патот.

Што се однесува до елиминацијата на бучавата, ситуација е поинаква. Поради пенестата основа на EV гумите и поинаквите шари на газниот слој, бучавата што ја создаваат овие гуми е значително намалена.

Се разбира, веројатно најважните параметри се опсегот и енергетската ефикасност. Очекувано, гумите за електрични автомобили обезбедиле подобра автономија. Tire Reviews откриле дека тие доведуваат до девет проценти подолго возење, што е за околу 40 до 50 километри повеќе.

Треба да се напомене дека опсегот е тестиран со неизбежни отстапувања, но како што е споменато во видеото, тестирањето е извршено во доцните ноќни часови на автопат, а возилото се движело со брзина од 80 до 96 km/h во рамките на дистанца од 90 километри.