Анализите на Меѓународната енергетска агенција (IEA) даваат надеж во врска со климатската акција, но велат дека „надуваната“ цена на нафтата може да го забави глобалното закрепнување од пандемијата со Ковид-19

Растечките цени на „црното злато“ може да помогнат во забрзување на процесот на премин кон електрични возила, но тоа ќе има цена, бидејќи во исто време економското закрепнување е со забавено темпо.

Светската побарувачка за сурова нафта во просек пораснала за 3,2 милиони барели на ден во јуни, во споредба со претходниот месец, но рестартираното производство на нафта не се зголемува по обем, што е причина за зголемувањето на цените на пазарот.

Меѓународната енергетска агенција предупреди дека цените на нафтата, кои оваа година се искачија за две третини, на 77 долари за барел, може да се искачат уште повисоко, што може да доведе до нестабилност на пазарот доколку нафтените компании не испорачаат повеќе барели.

„Иако сегашните цени можат да го забрзаат темпото на електрификација на транспортниот сектор и да помогнат во забрзување на енергетската транзиција, тие исто така може да го забават економското закрепнување, особено во земјите во развој“, велат од IEA.

Во САД, кој е „лакмусова хартија“ за светскиот пазар, возачите веќе се соочуваат со рекордни цени на горивата. Цените на бензинот достигнаа историски максимум од 3,14 долари за галон (3,78 литри), а може да се искачат и до пет долари.

Ова би резултирало со пониски вкупни трошоци поврзани со електричните автомобили, што може да поттикне повеќе возачи да се префрлат на нив порано отколку што првично се планирало. Сепак, повисоките цени на горивата може да ја поттикнат инфлацијата во глобалната економија, особено во неразвиените земји.

Агенцијата со седиште во Париз го искористила својот влијателен месечен извештај за пазарот на нафта за да ги предупреди членките на OPEC и нивните сојузници (OPEC +) дека доколку нема успех во преговорите околу производството на нафта, „тоа може значително да ја влоши состојбата на пазарот“.

Побарувачката за нафта падна на најниско ниво од Втората светска војна, по избувнувањето на пандемијата.. Сепак, побарувачката може да се врати со најбрза забележана стапка, достигнувајќи нивоа од пред-пандемија до крајот на 2022 година, според претходниот извештај на IEA.

Дискусиите со OPEC+ минатата недела, во врска со тоа колку брзо овој картел може да го зголеми производството на нафта по историскиот пад минатата година, беа неуспешни, што значи дека зголемувањето на производството нема да биде доволно.

Во меѓувреме, IEA предвиде дека побарувачката на нафта ќе биде поголема за 3,3 милиони барели помеѓу јули и септември отколку во претходниот квартал.

Во Европа, бројот на авионски патници во јуни значително се зголемил, што ја зголеми побарувачката за овој вид гориво. Бројот на резервации за летови се зголемил за 52% во Велика Британија, во споредба со податоците од мај, а слични зголемувања се забележани во Франција (46%), Германија (44%) и Шпанија (53%).

Несовпаѓањето помеѓу брзо растечката побарувачка за нафта и побавното темпо на нејзино производство може да доведе до нестабилност на пазарот на нафта, особено ако снабдувањето од OPEC+ не е на соодветно ниво. На крајот на краиштата, нестабилноста на пазарот „не помага да се обезбедат уредни и безбедни енергетски транзиции, ниту е во интерес и на производителите, и на потрошувачите“, велат од IEA.

извор: Vrele Gume