И Брисел на листата градови со забрана за дизели и бензинци
Локалната самоуправа на главниот град на Белгија, властите во Брисел, пред неколку дена објавија дека ќе воведат забрана за дизели до 2030 година, како и за бензинци до 2035 година, со цел да придонесат за реализација на целите за јаглеродна неутралност поставени од Европската унија
Забраната се однесува и за возила на компримиран природен гас, течен природен гас, но и за хибридите. Сите тие се ставени, во смисла на оваа одредба, во иста кошница со бензинците, односно ќе бидат на другата страна од законот, почнувајќи од 2035 година. Мотоциклите ќе бидат легални за употреба до 2035 година.
„Оваа нова мерка, која се однесува на организација на зона со ниски емисии во градот Брисел, ја потврдува желбата на целиот регион да изврши климатска транзиција на социјално праведен начин“, се зборови на Руди Верворт, претседател на регионот на Брисел , на прес-конференција во петокот.
Патниот сообраќај е одговорен за околу 30% од штетните емисии на јаглерод диоксид во областа околу главниот град на Белгија, што е практично константа од 1990 година, според Агенцијата за заштита на природата со седиште во Брисел.
Во планот, наречен „Мобилност во Брисел со ниска емисија“ (The Low Emission Mobility Brussels), се наведува дека на овој начин се превенира 100 до 110 предвремени смртни случаи годишно, а кои се поврзани со лошиот квалитет на воздухот во регионот. На овој начин штетните емисии од транспортниот сектор ќе се намалат за 65% до 75% до 2030 година.
За да се надомести ефектот од фазната забрана за конвенционалните автомобили, властите во Брисел соопштија дека ќе инсталираат 22.000 полначи за електрични возила во и околу градот, како и дека ќе направат големи инвестиции во секторот за мобилност, што вклучува скоро милијарда евра во областа транспорт, и тоа само во текот на оваа година.
Потсетување дека девет европски земји ја повикаа Европската комисија во март да одреди датум кога ќе стапи на сила забраната за продажба на нови дизел и бензински автомобили на територијата на унијата, со цел да се усогласи транспортниот сектор со поставените климатски цели.
На 14 јули, Европската комисија ќе предложи поригидни стандарди во однос на емисиите на СО2 за нови автомобили, како дел од пакетот нови политики. Крајната цел се рефлектира во аспирацијата да се намалат штетните испарувања за најмалку 55% до 2030 година, а во однос на нивоата регистрирани во текот на 1990 година, сето тоа во желба да се обезбеди целосна јаглеродна неутралност до 2050 година.