Honda ќе ја заврши електрификацијата на својата европска понуда со новата генерација на Civic

Новитетот во Европа ќе биде достапен исклучиво во хибридна верзија, објави Honda. Пуленот на јапонската марка од С/D сегментот ќе ги користи услугите на e:HEV погонот (Hybrid Electric Vehicle), кој се состои од 1.5-литарски бензинец и електромотор.

Хибридниот Civic ќе се продава покрај помалиот Jazz и компактниот SUV CR-V (исто така хибриди). Тука е новиот HR-V, позициониран под CR-V, исто така со хибриден погон, а продажбата треба да започне кон крајот на оваа година. Покрај наведените модели, Honda во Европа го продава и чисто електричниот модел Honda E.

Што се однесува до Civic, тој за купувачите ќе биде достапен од есента следната година. Неговото лансирање ќе ја комплетира целта на компанијата – сите европски „мејнстрим“ модели да имаат електрифицирани погонски единици до 2022 година.

Како што е познато, европскиот Civic повеќе нема да се произведува во Свиндон, Англија. Оваа фабрика е затворена, бидејќи јапонскиот производител ја стеснува глобалната производствена мрежа. Засега нема официјално соопштение каде ќе се произведува европската верзија на Civic.

Honda потврди дека новиот хечбек ќе претставува основа за новата генерација на перформантниот Type R, кој ќе пристигне во 2022 година, но овој модел сè уште не е потврден за Европа.

Единаесеттата генерација на Civic беше претставена преку интернет презентација минатата недела. За прв пат, хечбек варијантата ќе се произведува и во САД, во фабриката на Honda во Гринсбург (Индијана). Хечбекот претходно во Америка беше извезуван од Свиндон.

Honda минатата година во Европа продала 17.008 единици од Civic, што е за 54 проценти помалку од претходната година, според JATO Dynamics. Инаку, Civic е трет модел на Honda според продажбата зад Jazz и CR-V.

Од Honda велат дека се фокусирале на подобрување на возната динамика за новиот модел, што е овозможено со поцврстата каросерија. Компанијата тврди дека торзионата крутост е подобрена за 19% во споредба со моделот во заминување.

Кога станува збор за ентериерот, Civic ќе овозможува екрански опции од 7 или 9 инчи во зависност од пакетот на опрема, додека дигиталната инструментација ќе биде во размер од 7 или 10,2 инчи. Honda ги задржала физичките контроли за греење и вентилација.

Новиот Civic ќе биде опремен со низа од безбедносна опрема што ја бара ЕУ, вклучувајќи интелигентна асистенција за одржување на брзината, која го известува возачот во случај на пречекорување.