Иновативен електричен мотор за автомобили: Гарантира зголемување на опсегот од 30 проценти!
Компанијата најавува големо зголемување на опсегот на електричните возила, но и многу пониска цена од другите електрични мотори
Инженерите од Mahle развиле електричен мотор кој не користи трајни магнети. Има потенцијал за погон на широк спектар на возила, многу е ефикасен и може да се произведува без употреба на ретки минерали.
Новиот мотор, создаден од Mahle без магнети, е првиот од ваков вид што користи скалабилна конструкција, што значи дека може да се користи за напојување на различни типови возила, од мали патнички до поголеми комерцијални.
Моторот работи со создавање на потребното магнетно поле со помош на бакарни калеми лоцирани во внатрешноста на роторот кои ги заменуваат вообичаените постојани магнети. Клучен дел од колото е безжичен предавател кој користи наизменично поле за да испрати енергија до роторот. Ова поле потоа се претвора во директна струја за веќе споменатите калеми, создавајќи дополнително магнетно поле што му овозможува на моторот да генерира вртежен момент. Според Mahle, можноста за прилагодување на параметрите на магнетизмот на роторот, наместо да се ограничува со употреба на традиционални магнети, довело до максимални перформанси во текот на целиот опсег на работни брзини. Затоа е способен за ефикасност поголема од 96%, нешто што во моментов може да го понудат само погонските единици во Formula Е. Компанијата најавува големо зголемување на опсегот на електричнитe возила – до 30 проценти, но и многу пониска цена од другите електрични мотори.
Трајните магнети што се користат во повеќето актуелни мотори достапни на пазарот се направени од минерали како што се неодимиум, диспрозиум или итриум. Без употреба на овие магнети, нема потреба да се набавуваат овие материјали.
Mahle веќе испратил прототипови на адресите на неколку производители на автомобили за тестирање и проценка, а масовното производство се предвидува дека ќе започне до крајот на 2023 година.