Град Скопје го објави повикот за субвенции за велосипеди и електрични тротинети
Градот Скопје ги објави повиците за доделување субвенции за купување велосипеди и електрични тротинети во 2021 година. Аплицирањето на овие повици ќе биде онлајн
![]()
Граѓаните ќе можат да доставуваат фискални сметки за купен велосипед или електричен тротинет од почетокот на годинава, поточно од 1 јануари 2021 година. Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, и 30% од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. Повикот ќе биде отворен до исцрпување на средствата, а ќе се спроведува по принципот „прв дојден – прв услужен“.
Право на учество на овие повици имаат жителите на Град Скопје (во општините Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари), кои ќе купат нов велосипед или електричен тротинет во Република Северна Македонија од 1.1.2021 година сè до исцрпувањето на буџетот наменет за јавните повици.
![]()
Во буџетот на Град Скопје за 2021 година за субвенции за велосипеди и за електрични тротинети се предвидени 10 милиони денари од кои 8,5 милиони денари за велосипеди, а 1,5 милиони денари за електрични тротинети. Согласно со предвидените финансиски средства, Градот годинава ќе додели субвенции за околу 2.800 велосипеди и околу 215 електрични тротинети.
На двата повика за доделување субвенции за купување велосипеди и електрични тротинети граѓаните можат да се пријавуваат електронски, преку интернет-страниците на Град Скопје и Скопје лаб.






