DFSK Glory F5 дефинитивно има многу аргументи да ги разбие митовите и предрасудите за кинеските автомобили

DFSK е генерално непознат бренд кај македонската јавност. Зад овие кратенки стојат два вистински гиганти на кинеската автомобилска индустрија, Dongfeng и Chongqing Sokon. Двете компании ги здружија силите за да и дадат живот на новата компанија со која ќе можат да ги продаваат своите возила на глобално ниво. DFSK веќе има одредено искуство во Македонија во областа на комерцијални возила, преку македонскиот импортер ABC Brother, нудејќи разни каросериски решенија, а од минатата година се обидува да се позиционира и на конкурентниот пазар за патнички автомобили.

А за да успее во тоа, DFSK заедно со македонскиот импортер одлучија да го зголемат влогот на пазарот за патнички автомобили со својот нов модел, DFSK F5, SUV Coupe модел со многу аргументи да ги разбие митовите за кинеските автомобили. А во тоа се убедивме и ние кои неколку дена имавме можност да го возиме за да можеме детално да го анализираме и да ги откриеме неговите доблести и недостатоци.

Овој теренец се пласира на глобално ниво. Покрај Европа, може да се најде во Азија и Јужна Америка. Неговото име варира во зависност од пазарот на кој се пласира. Познат е како DFSK iX5, Glory iX5, Fengguang iX5, Fengon iX5 или Glory F5 како во Македонија. На светот му беше покажан во 2018 година во рамките на саемот за автомобили во Пекинг, за во Македонија да стигне, како што веќе напоменавме минатата година.

За DFSK, F5 е многу важен модел. Толку многу што, кога беше претставен, беше опишан како прва алка во ланецот на новата генерација на теренци на компанијата. Нуди одлична вредност за парите, сигурна механика и навистина комплетна стандардна опрема.

Дизајн

Да започнеме со надворешноста, конкретно од предниот дел. Главниот елемент е огромната решетка која се одликува карактеристична и впечатлива шема. Шаблон кој произлегува од централната позиција во која се наоѓа логото на марката. Директно поврзувајќи се со решетката, имаме остро обликувани оптички групи кои само го дооформуваат впечатливиот дизајн на предницата. Не мал детал е дека предните светла имаат Full LED технологија и динамични трепкачи, и се дел од стандардната опрема. Светлата за магла исто така користат LED -технологија.

Гледано странично, најрелевантното нешто без сомнение е повишената силуета и линијата на кровот – опаѓачка линија сосем  карактеристична и типична за овој тип на каросериска изведба. Автомобилот на македонскиот пазар доаѓа во четири каросериски бои: бела, сина, црвена и црна.

На задниот дел доминираат тенките LED светлосни групи кои се поврзани со светлечка лента по целата должина. Вратата за пристап до багажниот дел (електрично отворање и затворање) е навистина голема, но тоа овозможува и лесно внесување на погабаритни предмети во багажниот простор од 779 литри кој со спуштање на задните седишта се зголемува до 1.420 литри.

Заклучокот е дека дизајнерски моделот го привлекува вниманието веќе на прв поглед. Динамичен, свеж и несекојдневен, доволно веќе на прва да почнеме да го менуваме можеби неправедно всаденото мислење во нас за кинеските модели. Некој можеби ќе рече дека дизајнерите црпеле инспирација од повеќе европски модели, што до некаде е навистина така, но умешноста е токму тоа – можеби наликува, но сепак е „Свој“.

Модернистички и трендовски минималистички салон

Настрана надворешноста која веднаш ги освои нашите симпатии, во внатрешноста наидуваме на уште поинтересна атмосфера. Glory F5 веднаш ни пренесе извонредно чувство за квалитет и пред се комфор. Удобни седишта обложени со Nappa кожа (предните со електрично прилагодување), шалтабла со мека текстура, панел за контрола на климатизерот и вентилацијата во возилото со екран чувствителен на допир, кожни панели на вратите, кожни потпирачи на вратите од прв и втор ред, управувач обложен со кожа, аудиокоманди на управувач…

Да има и цврста пластика, иако на дното и далеку од видното поле. Пиано црната се појавува на многу места, што можеби некои и не го сакаат. Сепак станува збор за елегантен материјал, иако за него треба добро да се потрудите да остане чист и да се спречи гребење.

Од високата, удобна и прегледна положба за возење може да се забележи и целосната технолошка дотација. Иако инструменталниот панел не е целосно дигитален, тој сепак доаѓа со 3,5-инчен TFT екран во боја на кој може да се добијат корисни информации за возењето. Кон него го додаваме и 10,25-инчниот екран на допир кој е дел од мултимедијалниот систем кој нуди прифатливо ниво на поврзаност. На него секако се прикажува и навигацијата и сликата од предната и задната камера на автомобилот. Да, предната камера која е сместена во централниот ретровизор и овозможува фото и видео снимање на движењето на патот пред вас. Во подножјето на овој екран го имаме веќе споменатиот модул со екран чувствителен на допир за контрола на климатизацијата. Овој детал од опремата не е минорен, бидејќи тоа е нешто што обично се наоѓа само во премиум брендови. Во одредени услови тој рефлектира многу светлина, што може да биде малку проблем при неговото ракување.

Ако се насочиме кон задните седишта, брзо ќе откриеме голема количина на простор која е на располагање за нозете и за главата. Извонреден простор за удобно и долго патување за двајца патници, но веројатно не и за трет поради интегрираниот потпирач за раце, кој баш и не е пријатен за долготрајно потпирање на грбот.

За патниците на задните седишта има неколку значајни детали од опремата, како приклучок од 12 волти, USB-порта, отвори за вентилација, амбиентални светла… Тука ќе ги споменеме и бројните оддели за складирање генерално низ целата кабина, што го зголемува нивото на практичност.

Понудата за F5 кога станува збор за опременост е практично една. Опциите за конфигурација се минимални. Но иако тоа можеби да ви изгледа како хендикеп, тоа не е така, бидејќи DFSK нуди се што треба дури повеќе од тоа. Тоа е опрема што сигурно ќе ги задоволи потребите на повеќето возачи, но и нешто што мора да се земе во предвид за цената на овој модел.

Безбедно и удобно возење, добри возни својства

Срцето на погонот на DFSK Glory F5 е 1.5 бензински турбо 4-цилиндерски мотор со 140 коњски сили и 220 Nm вртежен момент. За дистрибуција на моќта кон предните тркала се грижи CVT трансмисија која работи сосема коректно и мазно. Maксималната брзина изнесува 170 km/h. Во просек потрошувачката изнесуваше 10,3 л/100 км, но оваа бројка може да оди и подоле, но и погоре. На крајот се зависи од вас и вашиот стил на возење. Како и да е, спортското подвозје овозможува добра возна динамика, скоро во сите ситуации во кои се најдовме, иако од овој „теренец“ не треба да се бара премногу во поглед на кој знае колку спортски перформанси. Неговата употреба е пред се насочена кон асфалтот и умерено возење. А таму суспензијата одлично се справува со сите нерамнини и дупки на нашите патишта. Човек да помисли дека е некаде на друго место каде што патиштата се идеално мазни.

Покрај многу цврстата шасија и каросеријата, која обезбедува прецизност и висока динамика во услови на активна безбедност благодарение на употребата на ултра-цврст челик, DFSK Glory F5 со себе носи и важни електронски помагала за возење денес се веќе стандард во современите автомобили. Меѓу нив се: предупредување за преден судир, напуштање на сообраќајната лента, напредна контрола на стабилноста, помош при поаѓање на нагорнина … Благодарение 6-те стандардни воздушни перничиња, исто така, обезбедува добра пасивна безбедност.

Заклучок

DFSK Glory F5 дефинитивно има многу аргументи да ги разбие митовите и предрасудите за кинеските автомобили. И повеќе од тоа. Ако собереме се на купче, дизајн, опрема возни својства, цената од 24.990 евра е сосема прифатлива за модел кој го носи во себе се она претходно наведено, особено ако се земе во предвид што може или поточно неможе да се добие за тие пари од веќе докажаните европски, јапонски и корејски производители.

Технички спецификации за DFSK Glory F5 220Т

  • мотор: Euro VI, бензин, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
  • работна зафатнина:  1.449 см3
  • напојување:  две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
  • максимална моќ: 137 KС (101 kW) при 5.600 min/-1
  • макс. вртежен момент: 220 Nm при 2.000-4.000 min-1
  • трансмисија:  на предни тркала преку (CVT) континуирана варијабилна трансмисија
  • потпирање: напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
  • сопирачки: напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
  • пневматици:  235/50 R18
  • каросерија: SUV со пет врати, пет седишта
  • должина х ширина х висина: 4.685 x 1.865 x 1.645 mm
  • меѓуоскино растојание: 2.790 mm
  • траги (напред/назад): 1.580/1.570 mm
  • тежина: 1.630 кг
  • максимална тежина: 2.155 kg
  • багажен капацитет:  779 l.
  • резервоар: 58 l.
  • максимална брзина: 170 km/h
  • потрошувачка (наша): 10,3 л/100км
  • емисија на CO2: 220 г/км